Светски ден на рециклирање-60 проценти од населението знае што е рециклирање

EPA-EFE/ANTONIO BAT

Во Македонија од 2011 година стапи во сила Законот за рециклирање на отпад од пакување, а првата дозвола ја доби компанијата „Пакомак“ од Скопје. Денеска, после десет години, кога се одбележува Светскиот ден на рециклирањето 60 проценти од населението знае што е рециклирање и кои се бенефитите од него, но многу е помал бројот на тие што го практикуваат. Главниот акцент околу рециклирањето е ставен на културата на населението, а за сметка  на тоа многу малку се зборува за тоа дали на граѓаните им се овозможени услови за да можат правилно да постапуваат со отпадот.

Контејнери за селективно собирање на амбалажен отпад има поставено на над 2. 300 позиции во 43 општини во Македонија, а се празнат кога има потреба за тоа од страна на Јавните комунални претпријатија бидејки тие имаат ексклузивно право да ги сервисираат поставените контејнери на јавни места. Ова нивно ексклузивно право создава реални проблеми во празнењето на контејнерите во некои општини. Ова ексклузивно право ќе се реши со изгласувањето на новите закони за управување со пакување од отпад, објаснува Ико Брдаровски од Пакомак.

Според него, навиките на граѓаните во однос на селекција и рециклирање на отпадот се менуваат од година во година.

– Можеме да кажеме дека над 60% од населението знае што е рециклирање и бенефитите од истото. Но за да се практикува селектирањето на отпадот и неговото рециклирање треба унапредување на постоечките услови за селектирање на отпадот. Ова значи интервенција од страна на државата во неколку области и тоа доследно имплементирање и почитување на постоечкиот Законот за управување со пакување и отпад од пакување од страна на сите чинители кои што ги засега законот и што е можно побрзо изгласување на новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување и Законот за проширена одговорност на производителот кои што чекаат нивно изгласување веќе една година, вели Брдаровски.

Како што наведува тој, изгласувањето на овие два закона е повеќе од пожелно бидејки постоечкиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување е на сила од 2011 година и нема претрпено никаква суштинска промена иако многу работи во врска со отпадот од пакување се имаат променето.

Најголем проблем на овластените собирачи на отпад се неформалните собирачи.

Најголем проблем имаме со неформалните собирачи на отпад кои ја уништуваат опремата (контејнерите) кои што ги поставува Пакомак. Потребно е нивно формализирање, да станат дел од системот, но за тоа е потребна државна помош и интервенција.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот