Светска премиера во Минхен: Првпат во историјата на Баварската државна опера се слушна македонскиот јазик

Две композиции од македонската композиторка Дарија Андовска минатиот понеделник (8 јуни) доживеаја светска премиера во Баварската државна опера (Bayerische Staatsoper) во Минхен, благодарение на изведбата на бас-баритонот Милан Силјанов и пијанистката Нино Чоконелиџе.

Композиции од Дарија Андовска се изведени во 30-ина земји низ целиот свет. Претставник е на младата генерација македонски композитори и една е од најуспешните, а досега компонирала оркестарска, камерна, солистичка, вокална и филмска музика, како и музика за мултимедијални проекти.

Минатиот понеделник со голема возбуда ја очекуваше светската премиера на своите нови композиции „Со маки сум се родил јас“ и „Си заљубив едно моме“ во изведба на бас-баритонот Милан Силјанов во рамките на онлајн програмата на Баварската државна опера во Минхен. Приказната за овој голем настан ја откриваме во прво лице еднина.

– Еден сончев карантински ден, во полициски час, ми стигна имејл. Името ми изгледаше познато. Милан Силјанов. Откако го прочитав мејлот, сфатив дека неговото име го знам уште од времето кога студирав во Швајцарија. Кога ќе кажев дека сум од Македонија, сите го споменуваа токму него. Никогаш не сме се сретнале ниту запознале во живо, ни во Швајцарија, ни во Македонија.

Во серијата понеделнички концерти на Баварската државна опера во Минхен се претставуваат членовите на ансамблот, кој е еден од најдобрите во светот. На еден од концертите, со наслов „Звуци од татковината“, бил поканет и Силјанов да се претстави, како дел од ансамблот. Тој е родум од Македонија, роден и пораснат во Цирих, Швајцарија. Затоа сакал на неговиот репертоар да има швајцарски и македонски дела.

Ми се обрати во мејлот со барање да му напишам неколку дела базирани на неговите омилени македонски песни. Се разбира, одговорно беше од мене да проверам кои од сите е можно да се авторски заштитени, како „Зајди, зајди“, па од листа од 6-7 песни, направивме заедно селекција од три песни: „Со маки сум се родил јас“, „Си заљубив едно моме“ и „Сношти минав покрај вази“. Тоа беше прекрасен начин да се поминат најтешките карантински денови со македонскиот фолклор, гласот на Милан и креацијата.

Целиот свој креативен композиторски живот го одбегнував македонскиот фолклор. Не затоа што не го сакам, напротив, туку зашто сум сведок на многу сквернавење на фолклорот. Сметав дека е многу поважно да се развие сопствениот музички јазик, личниот печат и инвенцијата пред воопшто еден композитор да си дозволи, пред јас да имам храброст да му пристапам на фолклорот. Прво слушав многу снимки од изведби на Милан и на неговата сопруга, пијанистката Нино Чоконелиџе, за да стекнам впечаток за неговите и нивните интерпретациски можности, темброво богатство и како тие двајцата функционираат како тандем.

Неверојатно е чувството кога работиш со такви големи професионалци, при што сѐ е до совршенство поставено и само работата на детали и финеси е клучна – токму таму каде се наоѓа музиката

Понатаму барав и бирав решенија за секоја од песните, решенија во кои фолклорот – она изворното, препознатливото, светото – би било како издлабено во камен, а мојата композициска структура како филигран исплетена околу и притоа да се добие свеж звук и да се даде нова димензија. Му ги праќав на Милан композициите во драфт-верзии, за да видат и тој и Нино дали сметаат дека нешто треба да се коригира за да „им легне“ посоодветно. Тие ги снимаа пробите и ми ги праќаа снимките, па ќе се чуевме во врска со деталите.

Неверојатно е чувството кога работиш со такви големи професионалци, при што сѐ е до совршенство поставено и само работата на детали и финеси е клучна – токму таму каде се наоѓа музиката. Почестена сум што ја имав среќата токму мене да ме препорачаат на Милан за оваа соработка и верувам дека нашата соработка ќе продолжи.

Благодарна сум што во мојот живот влегоа двајца прекрасни луѓе и музичари. И како што кажа Милан Силјанов, ова е веројатно првпат во историјата на Баварската државна опера да прозвучи македонски јазик. За македонска музика не знам. Можеби и тоа е првпат. Мојата музика за сигурно е првпат. Каква чест! Им благодарам на Нино и Милан од сѐ срце за прекрасната соработка и емотивната, беспрекорна изведба – раскажа композиторката Дарија Андовска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 35, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 13-14 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот