Светска економија: Технофеудализмот доаѓа

Јанис Варуфакис/ Фото: EPA-EFE/Fernando Alvarado

Тврдењето дека капитализмот ќе биде соборен од нов економски модел е честа предвремена прогноза за смртта на капитализмот, особено од страна на левицата. Но, овој пат претскажувањето можеби е точно, а знаците се видливи веќе извесно време

Вака завршува капитализмот: не со револуционерен тресок, туку со еволутивен шепот. Како што тој постепено, притаено го демонтираше феудализмот, сè додека еден ден најголемиот дел од човечките односи не станаа засновани на пазарот, а феудализмот беше одвеан, така и капитализмот денес е поткопан од новиот економски режим: технофеудализмот.

Ова е голема теза што доаѓа по многу предвремени прогнози за смртта на капитализмот, особено од страна на левицата. Но, овој пат претскажувањето можеби е точно.

 Длабоко и загрижувачко

Индициите се видливи веќе извесно време. Цените на обврзниците и акциите, кои треба да се движат во остро спротивни насоки, вртоглаво се зголемуваат, повремено паѓаат, но секогаш со ист заеднички чекор. Слично, цената на капиталот (повратот за поседување хартии од вредност) треба да опаѓа како последица на нестабилноста; наместо тоа, расте, бидејќи идните приноси стануваат сѐ понеизвесни.

Можеби најјасниот знак дека се случува нешто сериозно се појави на 12 август минатата година. На тој ден, дознавме дека, во првите седум месеци од 2020 година, националниот доход на Обединетото Кралство се намали за над 20%, што далеку ги натфрла дури и најстрашните предвидувања. Неколку минути подоцна, Лондонската берза скокна за повеќе од 2%. Никогаш не се случило ништо споредливо. Состојбата со финансиите стана целосно одделена од движењата во реалната економија.

Но, дали овие невидени случувања навистина значат дека повеќе не живееме под капитализам? Конечно, капитализмот претрпувал суштински трансформации и порано. Не треба ли, едноставно, само да се подготвуваме за неговата најнова инкарнација?

Не, јас не мислам така. Она што го доживуваме не е само уште една метаморфоза на капитализмот. Тоа е нешто подлабоко и загрижувачко.

 Две трансформации

Да, капитализмот претрпе екстремна промена на состојбата барем двапати од крајот на деветнаесеттиот век. Неговата прва голема трансформација, од својата конкурентска појава до создавањето олигополи, се случи со втората индустриска револуција, кога електромагнетизмот ги внесе во игра големите мрежни корпорации и мегабанките потребни за нивно финансирање. Форд, Едисон и Круп ги заменија пекарот, пиварот и месарот на Адам Смит како најголеми двигатели на историјата. Следниот бурен циклус на мегадолгови и мегаприноси на крајот доведе до крахот во 1929 година, до „Њу дилот“ и, по Втората светска војна, системот Бретон Вудс – кој, со сите свои ограничувања врз финансиите, обезбеди редок период на стабилност.

Крајот на Бретон Вудс во 1971 година ја ослободи втората трансформација на капитализмот. Бидејќи растечкиот трговски дефицит на Америка стана извор на агрегатна побарувачка во светот – цицајќи го нето-извозот на Германија, Јапонија и, подоцна, Кина – САД ја поттикна најенергичната фаза на глобализацијата на капитализмот, со постојан проток на германски, јапонски и, подоцна, кинески профити назад во Волстрит, со што се финансираше сето тоа.

Но, за да ја одиграат својата улога, функционерите на Вол Стрит побараа ослободување од сите ограничувања на „Њу дилот“ и Бретон Вудс. Со дерегулација, олигополистичкиот капитализам се претвори во финансиски капитализам. Исто како што Форд, Едисон и Круп ги заменија пекарот, пиварот и месарот на Смит, новите протагонисти на капитализмот беа „Голдман Сакс“, „Џ.П. Морган“ и „Леман Брадерс“.

По 2008 – сѐ се смени

Додека овие радикални трансформации имаа значителни последици (Големата депресија, Втора светска војна, Големата рецесија и Долгата стагнација по 2009 година), тие не ја променија главната карактеристика на капитализмот: систем управуван од приватниот профит и закупнините извлечени од некои пазари.

Да, преминот од Смитовиот во олигополскиот капитализам фантастично ги зголеми профитите и им овозможи на конгломератите да ја користат својата масивна пазарна моќ (т.е. новооткриената слобода од конкуренцијата) за да извлечат големи приходи од потрошувачите. Да, Вол Стрит извлекуваше приходи од општеството преку дрски пазарни форми на грабеж. Како и да е, и олигополот и финансискиот капитализам беа водени од приватниот профит зајакнат со приходи извлечени преку некој пазар – да речеме, пазарот заробен од „Џенерал електрик“ или „Кока-кола“ или оној поттикнат од „Голдман Сакс“.

Потоа, по 2008 година, сè се смени. Штом централните банки на Г7 во април 2009 година се обединија за да ги искористат своите капацитети за печатење пари за повторно управување со глобалните финансии, се појави длабок дисконтинуитет. Денес, глобалната економија се напојува од постојаното генерирање пари на централната банка, а не од приватниот профит. Во меѓувреме, извлекувањето на вредноста сè повеќе се оддалечува од пазарите, кон дигиталните платформи, како што се Фејсбук и Амазон, кои повеќе не работат како олигополни фирми, туку повеќе како приватни фондови или феудални имоти.

Технофеудалците доаѓаат

Дека билансот на состојба на централните банки, а не профитот, го поттикнува економскиот систем, објаснува што се случи во Лондон на 12 август 2020 година. Кога ги слушнаа мрачните вести, финансиерите помислија: „Одлично! Банката на Англија, во паника, ќе испечати уште повеќе фунти и ќе ги канализира до нас. Време е да се купат акции!“

На целиот Запад, централните банки печатат пари што финансиерите ги позајмуваат на корпорациите, кои потоа ги користат за да ги откупат сопствените акции (чии цени не зависат од висината на профитите). Во меѓувреме, дигиталните платформи ги заменија пазарите како место за вадење на приватното богатство. За прв пат во историјата, скоро сите бесплатно им ја зглемуваат капиталната вредност на големите дигитални корпорации. Бидејќи, тоа е она што се случува кога постирате работи на Фејсбук или кога се движите наоколу поврзани со Гугл мапс.

Секако, не исчезнаа традиционалните капиталистички сектори. Во раниот деветнаесетти век, многу феудални односи останале недопрени, но капиталистичките односи започнале да доминираат. Денес, капиталистичките односи остануваат недопрени, но технофеудалистичките односи почнаа да ги надминуваат.

По шепотот – тресок

Ако сум во право, секоја стимулативна програма е осудена на тоа истовремено да биде и преголема и премала. Ниту една каматна стапка нема да биде во согласност со целосната вработеност, без да се предизвика последователен стечај на компаниите. И, завршена е политиката заснована врз класната определба, кога партиите кои се залагаат за интересот на капиталот се натпреваруваат против партиите кои ја штитат работната сила.

Но, додека капитализмот може да заврши со шепот, наскоро може да следи и тресок. Ако оние што пропаѓаат поради технофеудалната експлоатација и шокантната нееднаквост, најдат колективен глас, тресокот може да биде многу гласен.

(Авторот е поранешен министер за финансии на Грција, лидер на партијата MeRA25 и професор по економија на Универзитетот во Атина)

Преземено од „Проект синдикат“

Видео на денот