Светска банка: Зголемете ги даночните приходи, внимателно трошете
Од Светска банка посочија и еден македонски куриозитет: Стапката на сиромаштија на пензионери е најниска во регионот, а стапката на сиромаштија кај децата е највисока.
Зголемување на ДДВ од 18 на 19 проценти, порационално трошење на јавните пари, реформи во образованието, здравството и во јавната администрација, предлага Светска банка во извештајот „Преглед на јавните финансии на Северна Македонија: Обезбедување на стабилност и поттикнување на отпорноста“.
Во извештајот на Светска банка пишува дека „најновата стратегија со која фискалната нерамнотежа требаше да се намали со економскиот раст, не донесе задоволителни резултати“.
-За подобро да се подготви за иднината, сега е клучно Северна Македонија да почне да се справува со фискалните предизвици – изјави Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија.
Јоана Маџоска, економист во Светска банка, рече дека има голем напредок во однос на 2017 година.
-Во однос на управувањето со јавните финансии има поголема транспарентност, воведени се фискални правила и Фискален совет, а има напредок и во зголемувањето на даночната база – рече Маџоска.
Сепак, таа потенцираше дека „и понатаму има причини за загриженост“. Притоа, посочи дека Северна Македонија има поголем фискален дефицит од другите земји во регионот, а дека досегашната фискална политика дала ограничен одговор.
Светска банка предлага зголемување на ДДВ од 18 на 19 проценти
Многу пари за социјала, малку за здравство
Забелешки имаше и во однос на структурата на буџетот. Кај нас социјалните бенефиции изнесуваат 15,6 проценти од бруто-домашниот производ во просек од 2012 до 2022 година, што е повеќе од просекот на земјите што аспирираат во ЕУ каде што просекот е 11,6 проценти.
Во однос на здравството со јавен трошок од 5 проценти од БДП, ние сме на најниско ниво од земјите аспиратори за влез во ЕУ.
-Граѓаните многу плаќаат за здравство од својот џеб, поради неможност тоа да го добијат од јавниот сектор. Ова е и споредбено со земјите аспиранти за влез во ЕУ. Треба да се прошири со нови лекови листата на лекови што се на товар на Фондот – рече Сања Маџаревиќ-Шустер, сениор економист во Светска банка.
Таа посочи дека е потребна и сериозна реформа во образованието, затоа што тестирањето на учениците не покажува напредок.
Во однос на администрацијата, од Светска банка посочуваат дека е неопходна реформа со која ќе се стави крај на различни плати за исти позиции во различни институции. Оттаму, потенцираат дека треба да се вреднува човекот, а не тоа да зависи од тоа каде работи.
Постепени мерки за пензиската дупка
И Светска банка го лоцира проблемот со пензиската дупка. Тие предлагаат зголемување на пензискиот придонес и постепено зголемување на старосната граница за пензионирање.
-Предложени се три политики за намалување на пензискиот дефицит во услови на рапидно стареење на населението. Вратете ја старата шема за индексирање на пензиите. Постепено зголемувајте и изедначувајте ја возраста за пензионирање за мажи и жени. Постепено зголемувајте ги стапките на придонесите. Комбинираниот пакет на политики што ги интегрира сите три политики би можеле да дадат побалансирани исходи, спречувајќи го понатамошното натрупување на пензиските расходи и дефицити-велат од Светска банка.
Од Светска банка посочија и еден македонски куриозитет: Стапката на сиромаштија на пензионери е најниска во регионот, а стапката на сиромаштија кај децата е највисока.