Светот се сеќава на трагедијата на Хејсел: Не тераа да играме додека од страна лежеа мртви луѓе (ФОТО+ВИДЕО)

epa

На денешен ден 1985 година на стадионот „Хејсел“ во Брисел се случи една од најголемите трагедии во историјата на фудбалот во која животот го загубија 39 навивачи, а повеќе од 600 беа повредени.

Пред почетокот на финалниот дуел од тогашниот Куп на Европски шампиони помеѓу Јувентус и Ливерпул дојде до нереди на стадионот „Хејсел“.

Англиските хулигани кои тогаш важеа на најопасни во Европа со шишиња и пиротехнички материјал ги нападнаа навивачите на Јувентус, а пресметките ескалираа кога поголема група навивачи на англискиот тим ја проби заштитната ограда.

фото: профимедиа

Бегајќи од налетот на англиските хулигани, фановите на „старата дама“ се стиснаа до жидот на стадионот кој под притисокот попушти. Трагичниот биланс е 39 загинати, од кои 32 се навивачи на Јувентус, а повеќе од 600 лица се повредени.

На другиот крај од стадионот, навивачите на Јувентус тргнаа во одмазда и се судрија со полицијата, а пресметките траеја повеќе од два часа, дури и откако започна натпреварот.

PHOTO FILES EPA/-

Англиската и италијанската полиција сметаа дека до индидентот дојде поради осветата на навивачите на Ливерпул кои една година порано настрадаа во пресметките со навивачите на Рома, а дури цела година имаше гласини дека навивачите на англискиот клуб подготвуваат одмазда и за жал се обвистинија на 29 мај 1985 година.

Во анализата на трагедијата на „Хејсел“ е констатирано дека стадионот бил во лоша состојба, дека полицијата и редарските екипи не си ја завршиле добро својата задача и дека се продадени повеќе билети отколку што е капацитетот на стадионот.

EPA/EFE

Но, сепак никој не одговараше за трагедијата, а за најголеми виновници се прогласени англиските хулигани кои поради овој инцидент ја натераа УЕФА да реагира. Сите англиски екипи добија тригодишна забрана за настап во европските натпреварувања, а поради големите инциденти на стадионите ширум Англија, суспензијата беше продолжена до сезоната 1990/91.

 

И покрај трагедијата, натпреварот се одигра, а Јувентус победи со 1:0 со голот на Мишел Платини од пенал. Организаторите проценија дека нередите ќе би биле поголеми доколку не се одигра финалето.

EPA/EFE

– Во соблекувалната влезе шефот на градската полиција и ни кажа што се случи. Инсистираше дека мора да играме, а Јувентус веќе дал согласност. Ни не сакавме даиграме, па како да размислуваме за фудбал кога на стадионот имаше мртви луѓе. На крајот излеговме но мислите не ни беа на играта туку на сите тие жртви – зборуваше тогашниот капитен на Ливерпул, Фил Нил.

Стадионот „Хејсел“ по десет години од трагедијата беше комплетно обновен и сега го носи името „Крал Бодуин“ и на него игра белгиската репрезентација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот