Светло во украинскиот тунел

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Постапката на Америка да отвори директен канал на комуникација со Русија на ниво на министерства за одбрана и да повика на прекин на огнот и на преговори е светлото во тунелот наречен Украина.

Еве една најнова вест што влева надеж. Вчера американскиот министер за одбрана Лојд Остин зборувал со својот руски колега за првпат по инвазијата на Украина од страна на Русија. Пентагон соопшти дека Остин повикал на брз прекин на огнот и ја нагласил важноста да се држат отворени линиите на комуникација меѓу Америка и Русија.

Ова се случува по веста од Киев дека руските сили претрпеле тешки загуби во борбите во Источна Украина, па може да се смета дека и таквиот исход, каде што Русите губат, може да предизвика нови неволји по светскиот мир. Сите досегашни постапки на Америка водеа кон можна конфронтација со Русија. Запрепастувачките 40 милијарди долари воена помош деновиве одобрени од американскиот Конгрес во поддршка на еден народ спремен да се бори за својата слобода, ги турка двете воено моќни држави кон можен нуклеарен конфликт. Но, трагедијата на украинската позиција е што, без оглед што е спремна да ја поддржи борбата до последниот Украинец, Америка нема да влезе во конфронтација со Русија ризикувајќи Трета светска војна. Оттаму и важноста од директна комуникација меѓу Вашингтон и Москва, 79 дена по почетокот на руската инвазија на една суверена европска држава. Разумните аналитичари се согласни дека Путин не би смеел да се стави во безизлезна ситуација оти никој не може да прогнозира каква е неговата состојба на умот и како би реагирал.

Владимир Путин е роден седум години по Втората светска војна и задоен со митот за големата победа на Русија врз Германија и за важноста на Советскиот Сојуз. Растен во ешалоните на руските тајни служби тој, сите се согласни, не е човек со големо образование. Тоа, мошне јасно, се виде во познатиот говор што го одржа непосредно пред инвазијата на Украина. Неговите застарени и примитивни размислувања за украинската држава и нација поткрепени со неговата апсолутна моќ на најдолговечниот владетел на Русија го турнаа во воена авантура од која може да излезе само поразен. Обидот да ја симне „нацистичката клика“ на власт во Киев и да ја окупира целата земја пропадна зашто да се освои и да се држи под окупација четириесетмилионски народ со силна светска поддршка е невозможна мисија. Се разбира, Путин поседува нуклеарно оружје што може да го употреби врз Украинците, но каков ќе биде тој мир потоа?

Во меѓувреме, на меѓународната сцена се случува она што Кисинџер го нарече системска опасност по светскиот мир: состојба кога една од големите нуклеарни сили е сама, изолирана и незадоволна од својот статус во светската политика. Тоа, се присетуваме, беше причината за отворање кон комунистичка Кина од страна на американскиот претседател Ричард Никсон. Имено, стабилен е само оној светски поредок во кој големите сили се задоволни од статус квото.

Прекин на огнот и преговори, како што сугерира секретарот за одбрана Остин, ќе произведат непријатни компромиси за Украинците. Најтешкиот дел секако ќе биде соочувањето со фактот дека засекогаш се загубени делови од украинската територија. Но, ако е тоа цената за светскиот мир, Западот треба да ја поддржи позицијата на украинските политичари. Целта на Западот мора да биде одбрана на суверенитетот на украинската држава, но не и повеќе од тоа. Размислувањата на рушење на Путин или за востание на рускиот народ, би значеле одење по острицата на жилетот.

Што ако Путин одлучи да ја тестира применливоста на членот 5 од повелбата на НАТО и навлезе во некоја од малите балтички држави или во Полска? Автоматски ли ќе следува Трета светска војна или, сепак, одново ќе се преговара? Лично мислам дека пак ќе се преговара, пред човештвото да изврши колективно самоубиство. Кога автократскиот режим на Путин се заканува со нуклеарен одговор во случај да се засегнати виталните интереси на Русија, тој всушност мисли на виталните интереси на оние што се на власт.

Затоа, во интерес на светскиот мир, треба да се создадат услови Путин да се извлече од катастрофално погрешната политика што доведе до отпочнување војна против проширувањето на НАТО во Источна Европа, за да заврши со ново проширување на алијансата со две вибрантни демократии: Финска и Шведска.

Постапката на Америка да отвори директен канал на комуникација со Русија на ниво на министерства за одбрана и да повика на прекин на огнот и на преговори е светлото во тунелот наречен Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот