СВЕТЛАНА КАМЏИЈАШ: Пишувањето најчесто е неразбирлив шепот што треба да се толкува

Збирката раскази „Приказни на тивок оган“ од Светлана Камџијаш, издание на „Или-Или“, ќе биде промовирана на 22 јануари, во 20 часот, во МКЦ-Клуб и ресторан, а на настанот ќе учествуваат Соња Стојменска Елзесер, Ѓоко Здравески и Ана Костовска.

Авторката Светлана Камџијаш по објавата на неколку книги со тематика од источната филозофија и две поетски збирки, своето најново книжевно дело го сочинува со девет раскази. Насловот „Приказни на тивок оган“ веднаш го наведува читателот кон сфера во која личните спознанија и искуства ќе го имаат најзначајното место во писанието. Тоа значи дека приказните долго време се „готвеле“ на тивок оган.

– Тивкиот оган ги извлекува ретките сокови, ги преобликува и згуснува нештата, создава нови, неочекувани амалгами. Сировото го прави префинето, се фаќа убав кајмак. Кога тивкиот оган гори во човекот, тој се преобразува, му отпаѓа старата, позната кожа. Книгата почнува со слика на совршена, космичка љубовна прегратка. Небото толку многу ја сакало Земјата што ја обљубило од сите страни. Долгата љубовна идила завршила со страшен праскот на одвојување, сличен на повеќекратна ерупција. Така било зашто сите приказни што тежнееле да се раскажат, сите живи суштества што сакале да почувствуваат како е да се биде главен јунак во сопственото сценарио, силно притискале однатре. Сега тие живеат во просторот што го создале меѓу двајцата вљубени. Деветте приказни ги пренесуваат начините на кои луѓето ги оживуваат делчињата од таа дамнешна, совршена прегратка, и што произлегува од разделбите. „Стасуваа“ во мене бавно и долго, а излегоа релативно брзо – открива Светлана Камџијаш.

Писателот Гоце Смилевски препознава дека приказните „се создадени со длабока мисла, широка емоција и висока ерудиција, со буен стил и прецизна структура“. За виталноста на животот што зрачи од расказите, како блескави примери, доволно е да се прочитаат насловите на некои од нив: „Како разбрав дека жалното и смешното доаѓаат од исто место“ или „Како научив дека сѐ може да се сведе на една реченица, или Расказ за анализата и синтезата“.

– Се разбира дека е важно од кој извор пие човек и што „црпи“, но тоа најчесто останува да биде недостапен предел. Ги гледаш, ги мирисаш убавите цветови и дрвја, но не им го знаеш коренот. Понекогаш и самиот садиш семка, но не знаеш како настанала. Пишувањето е процес што го водат незнаењето и знаењето. Затоа е интересно. Понекогаш можеш да го почувствуваш ритамот на приказната во тапанчето, понекогаш доаѓа и гласна реченица, но најчесто е неразбирлив шепот што треба да се толкува – вели авторката.

Во книгата нема назначено, но по читањето на расказите лебди чувството на посветеност, некому или на нешто. Можеби тоа е привид што е создаден од чувството дека „невидливото и тешко искажливото го прави видливо, преку зборовите“, како што забележал и Гоце Смилевски, но и авторката има свое толкување:

– Кога го напишав воведот, имав намера тоа да бидат само љубовни приказни. Но веќе третата, а последна во книгата „Како разбрав дека сè може да се сведе на една реченица“, иако содржи љубовен мотив и ја пренесува љубовта кон литературата, разликите меѓу платонскиот восхит и учеството, сепак, како носечка тема го има откритието. Така е и со последниот расказ, поставен како прв во книгата. Седумте љубовни раскази се затворени во кориците на двете откритија. Да, посветена е на чудните и стрмни патеки на љубовта – прецизира Камџијаш.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ бр. 14, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18/19 јануари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот