Ѕид ќе го дели сообраќајот помеѓу Израел и Палестина

Израелското Министерство за сообраќај соопшти дека автопатот, кој вклучува безбедносни мерки е „решение и за израелското и за палестинското население“.

108
Фото EPA-EFE/ABIR SULTAN

Израел отвори автопат во Западен Брег со ѕид на средината, кој треба да го одели израелскиот од палестинскиот сообраќај.

Тоа е прв таков автопат, кој е поделен со бетонски ѕид на кој има ограда од жица.

Израелското Министерство за сообраќај соопшти дека автопатот, кој вклучува безбедносни мерки е „решение и за израелското и за палестинското население“.

Патот ги поврзува еврејската населба Гева Бинјамин со северниот дел на Ерусалим. Квартот Француско брдо е наменет за израелски возила и Палестинци кои имаат дозвола за влез во Ерусалим.

Во Западен Брег има и други поделени патишта, но ниту еден нема бариера висока осум метри.

Отворањето на патот е критикуван од организациите за човекови права, Палестинската управа и Палестинската ослободителна организација (ПЛО).

– Ова е израелски пример на апархејд и расистичко одвојување какво што некогаш постоеше во Јужна Африка. Секој Израелец кој верува во демократија треба да се срами од новиот пат – истакна членот на Извршниот комитет на ПЛО, Ахмед Маждалани.

Претставници на Палестинската управа и организациите за заштита на човекови права наведоа дека патот ја истакнува дискриминацијата кон Палестинците.

Според израелски претставници рутата е наменета за олеснување на застојот во сообраќајот на контролниот пункт на влезот во северен Ерусалим и да ја зајакне врската помеѓу еврејските населби и градот.

Според израелскиот министер за јавна безбедност Гилад Ердан патот е „пример на способноста да се создаде поделен живот помеѓу двата народи“, а да се води сметка за безбедносните предизвици.

Патот почна да се гради во 2005 година, но подолг период беше недовршен.

Израел го освои источен Ерусалим и Западен Брег во војната во 1967 година. Палестинците на тие територии планираат да формираат своја независна држава.