Товарен авион Боинг 707 се сруши во Иран (ВИДЕО)

188
Фото: ЕПА

Во падот на товарниот воен авион Боинг 707 утрово западно од Техеран, Иран загинаа 15 лица од вкупно 16, колку што беа во авионот.

Еден инженер преживеа и тој е згрижен во болница, наведе иранската војска, пренесе полуофицијалната агенција Фарс, а потоа и агенцијата Ројтерс.

Боинг 707 превезувал месо од Бишкек во Киргистан, а несреќата се случила за време на принудно слетување поради лоши временски услови на аеродромот Фат, недалеку од иранскиот град Караџа, западно од Техеран.

„Товарниот Боинг 707 кој пренесуваше месо од Бишкек во Киргистан итно слета на аеродромот Фат денес… инженерот на летот е пренесен во болница“, рече армијата.

„Излезе од пистата за време на слетувањето и се запали откако удри на ѕидот на крајот на пистата“, изјави армијата, пренесе Ројтерс.

Авионот требало да слета на аеродромот Пајам во Караџ, но пилотот го погрешил со соседниот Фат аеродром, кој не е погоден за карго авиони, пренесе Раша тудеј.

Како резултат на тоа, пилотот ја изгубил контролата над авионот, излетал од пистата и удрил во ѕидовите што го одделуваат аеродромот од соседните населени места.