Русија ќе се исклучи од интернет, се подготвува за сајбер војна

Податоците што се разменуваат меѓу руските граѓани и организации ќе останат во рамките на националните граници, наместо да бидат пренесувани на меѓународно ниво.

123
Фото: AP

Како што денеска објави „Би-Би-Си“, Русија ќе го исклучи интернетот во целата држава, со цел да се подготви за сајбер војна.

Податоците што се разменуваат меѓу руските граѓани и организации ќе останат во рамките на националните граници, наместо да бидат пренесувани на меѓународно ниво.

Станува збор за закон во кој се предвидуваат технички промени неопходни за самостојната работа на Интернет, а кој во во рускиот парламент пристигна минатата година.

Тестот ќе се изведе пред 1 април. Предлог-законот за Националната програма за дигитална економија бара од руските интернет-провајдери да гарантираат дека тие можат да работат во случај странските сили да се обидат да ја изолираат земјата од интернет.

Од друга страна, НАТО и сојузничките земји ѝ се закануваат на Русија со санкции за сајбер-напади и други онлајн-влијанија.

Предложените мерки во законот предвидуваат Русија да изгради своја сопствена верзија на системот за интернет-адреси, познат како DNS, за да може да функционира ако се прекинат врските со серверите лоцирани надвор од Русија.

Тестот треба да ја покаже способноста на руските интернет-провајдери да ги пренасочат податоците до точки за рутирање контролирани од владата. Тие ќе го филтрираат протокот, така што податоците разменети меѓу Русите ќе стигнат до дестинацијата, но тие што се наменети за странски компјутери ќе бидат отфрлени.

Наводно, цел на руската влада е да се создаде систем за масовна цензура сличен на оној во Кина, со кој оваа земја се обидува да го отстрани забранетиот интернет-сообраќај.

Како што информираат руските медиуми, националните интернет-провајдери генерално ги поддржуваат целите на нацрт-законот, но се поделени околу тоа како да се имплементираат. Тие веруваат дека тестот ќе предизвика сериозни нарушувања во рускиот интернет-сообраќај.