ЕАСО: Намален бројот на барања за азил во ЕУ

Последниот извештај на Европската канцеларија за поддршка на азил (ЕАСО) покажува дека веќе трета година по ред, по миграциската криза во 2015 година, има намалување на бројот на пријави за меѓународна заштита во ЕУ.

25

Во 2018 година има намалување на бројот на барања за азил во ЕУ, но и пониска стапка на одобрување азил, како и се помалку нерешени случаи, објави Европската канцеларија за поддршка на азил.

Сирија, Авганистан и Ирак се на прво место според бројот на потенцијални азиланти во ЕУ.

Последниот извештај на Европската канцеларија за поддршка на азил (ЕАСО) покажува дека веќе трета година по ред, по миграциската криза во 2015 година, има намалување на бројот на пријави за меѓународна заштита во ЕУ.

– Во 2018 година поднесени се 634.700 барања за азил, што е десет отсто помалку од 2017 година, слично како во 2014 година. Овој тренд следеше по значајниот пад од 44 отсто на бројот на поднесени барања за азил во текот на 2017 во однос на 2016 година, наведува ЕАСО.

Сирија, и покрај намалениот број пријави за 25 проценти во 2018, во однос на 2017 година остана прва земја според број на подносители на барања за азил во ЕУ. Следат Авганистан и Ирак.

И покрај генералното намалување на барањата за азил во 2018 година, бројот на грузиски, турски и венецуелски подносители на пријави е зголемен и тоа втора година по ред.

Зголемен број барања за азил во ЕУ има и од Колумбија, Палестина и Иран.

Во ЕАСО наведуваат дека претходната година на една третина од поднесените барања за азил е одговорено позитивно.

Најголем просек за добивање статус на бегалец имаат граѓаните на Сирија, Јемен и Еритреја, додека се помалку позитивни одговори добиваат граѓаните на Грузија и Гамбија.