Бебе умрело поради изгладнување во Словенија, за родителите вегани само условна казна

448

Судот во Словенија ги осуди родителите на 10-месечното бебе, кое почина во болница во Љубљана, на две години условна казна поради нетретирано акутно воспаление на белите дробови и слаба ухранетост. Таквата блага казна ја добиле откако се нагодиле со обвинителството и ја признале својата вина за занемарување на детето, пренесуваат словенечките медиуми.

Детето во болница било примено со тежина од само 3.600 грама, а чудно е тоа што и двајцата родители се факултетски образовани и имаат пет други деца.

Освен што биле строги вегани и се хранеле само со зеленчук, родителите биле и заговорници на природен начин на лекување, без помош од модерната медицина и лекови.

Обвинението против нив било поднесено дури во 2014 година, по многубројните медицински експертизи, кои покажале дека и покрај изразената потхранетост, кашлањето, тешкото дишење и општо слабото здравје, родителите не го однеле бебето на доктор.

Во текот на истражната постапка е утврдено и дека сите нивни деца имаат многубројни здравствени потешкотии, како последица на неурамнотежената исхрана потребна за нормален развој.

Повеќето од децата, како што покажале дополнителните медицински прегледи, имале остеопороза, недостаток на железо и други елементи потребни на организмот. Кај едно од децата се откриени и нарушувања во мозокот поради недостаток на витамин B12. Прегледите покажале и дека децата не биле вакцинирани.