Вучиќ ќе воведе доживотна казна за убијците на деца

Според него, за производство и трговија со наркотици, повеќето од криминалците добивале казна испод законскиот минимум,т.е под шест месеци.

48

По седницата на Советот за национална безбедност, српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција најави дека намерата на државата е да победи во најтешките форми на криминалот и корупцијата: „Криминалците, државата ќе ве прегази! Ќе ве згазиме!”

Вучиќ најави борба на пет нивоа и драконски казни за сторителите на кривични дела, вклучувајќи и доживотен затвор.

Тој, исто така, најави и измена на казнената политика, особено за кривичните дела насилничко однесување и силување, педофилијата, убиствата на деца и трговијата со оружје и наркотици.

– Борбата ќе трае со години, ќе биде тешка, но ние ќе ги прегазиме криминалците – рече Вучиќ.

Тој нагласи дека ќе се воведе доживотен затвор за оние што извршиле најтешки кривични дела – повеќекратни убиства и убиства на деца.

Вучиќ истакна дека само државите на Балканот, „Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија немаат казна доживотен затвор додека европските земји имаат.“

– Сега сакаме и ние да имаме построги казни. Ние брзаме кон европските стандарди и ќе ги зголемиме казните бидејќи не сакаме да им падне на ум тука да се убиваат – рече претседателот Вучиќ.

Минималните и максималните казни за сите кривични престапи кои вклучуваат насилничко однесување, од семејно насилство до убиство, ќе се зголемат за 35 до 50 проценти.

Казната за силување ќе биде од 5 до 15 години, без можност за олеснување на казната и никој нема да може да добие помалку од пет години казна, најави Вучиќ.

За семејно насилство, минималната казна ќе биде една година затвор, кажа Вучиќ.

– За еден месец ќе почнеме сè да менуваме во Србија – рече Вучиќ, додавајќи дека борбата против криминалот ќе трае со години.

Според него, за производство и трговија со наркотици, повеќето од криминалците добивале казна испод законскиот минимум,т.е под шест месеци.

– Изрекнувањата на казни од над пет години стана исклучок,речиси да ги нема – рече Вучиќ.

Тој оцени дека вчерашната акција од страна на полицијата и обвинителството ја покажало намерата на државата, не само да се соочи со најопасните видови на криминал во Србија, туку и овој криминал, како и најтешките форми на корупција, да се победат.