Владата на Ципрас реконструирана, Коѕијас и Каменос останува на истите позиции

Во владата влегуваат функционери од партии кои не се дел од коалицијата, односно Марилиза Ксенојанакопулу од ПАСОК како министерка за администрација и Катерина Папакоста од Нова Демократија како заменик министер за Цивилна заштита.

238
Фото: ЕПА

Портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос го објави составот на реконструираната грчка влада. Новиот кабинет вклучува 13 нови функционери.

Како што анализираа грчките медиуми, министерот Никос Коѕијас останува шеф на грчката дипломатија, коалицискиот партнер Панос Каменос останува на чело на Министерството за одбрана, а за заменик-министер за Македонија е назначена Катерина Нотопулу.

Забележливо е тоа што во владата влегуваат функционери од партии кои не се дел од коалицијата, односно Марилиза Ксенојанакопулу од ПАСОК како министерка за администрација и Катерина Папакоста од Нова Демократија како заменик министер за Цивилна заштита.

Нов министер за правда е Михалис Калогиру, а на чело на Министерството за внатрешни доаѓа Алексис Харицис, поранешниот заменик министер за финансии.

По пожарот во Мати, за Грците особено важно се покажа Министерството за цивилна заштита, на чиешто чело доаѓа Олга Геровасилис.

Реконструкцијата на грчката влада се случува откако вчера Сириза за нов партиски секретар го избра Панос Скурлетис, со што остана празно Министерството за внатрешни. Шпекулациите за промената на владиниот кабинет почнаа уште од пред една недела, кога премиерот Алексис Ципрас од островот Итака го означи крајот на економската криза.