Црногорскиот портал „Вијести“ во три денови трипати бил цел на хакерски напади

Овој портал е еден од најчитаните и најкредибилните во Црна Гора, а се работи за медиум кој ужива голема доверба кај граѓаните.

62

Асоцијацијата на медиуми на Југоисточна Европа ги повикува надлежните органи во Црна Гора итно да ги истражи обидите за хакерски напади и згаснување на порталот „Вијести“ (www.vijesti.me).

Порталот „Вијести“, кој е член на оваа Асоцијација (АМЈЕ) во последните три дена бил предмет на три силни хакерски DDoS напади, од кои последниот уште е во тек. Овој портал е еден од најчитаните и најкредибилните во Црна Гора, а се работи за медиум кој ужива голема доверба кај граѓаните.

Според информациите добиени од меѓународниот развоен тим на „Вијести“ од Прага, нападите се фокусирани на рушење на порталот, особено во делот каде се наоѓаат ексклузивните информации за најновите случувања на потенцијална политичка корупција во Црна Гора.

АМЈЕ ги осудува најстрого овие напади и ги смета за нов начин на ограничувањето на слободата на медиумите, овојпат во дигиталниот простор.

АМЈЕ ги повикува државните органи на Црна Гора итно да стапат во контакт со менаџерскиот тим на порталот, како би ги добиле сите потребни информации за овие напади, а потоа да спроведат истрага за откривање на нарачателите на нападот и најстрого да ги казнат.