СИРИЗА и Ципрас од Солун ќе и кажат „Да“ на демократијата и „Не“ на поделбата и нетолеранцијата

67
Фото ЕПА-ЕФЕ/АНА-МПА

По собирите и опсадите на средните училишта од учениците во северна Грција, кои преку слогани тврдеа дека „демократијата ја продаде и предаде Македонија”, СИРИЗА на 14 декември ќе одржи политички настан во Солун, на кој главен говорник ќе биде Алексис Ципрас за да се испрати пораката дека грчката „Македонија вели „Да” на демократијата, вели „Да” на солидарноста, вели „Не” на национализмот и поделбата”, јави дописничката на МИА од Атина.

Настанот на грчката владејачка партија, против поделбата и нетолеранцијата го најави генералниот секретар на СИРИЗА, Панос Скурлетис, на прес конференција во Солун.

-Со цел да испратиме порака на хармоничен соживот до секој прогресивен и демократски граѓанин, на 14 декември ќе организираме голем политички собир, овде во Солун на кој ќе говори премиерот, за да испратиме јасна порака дека Македонија вели „Да” на демократијата, вели „Да” на солидарност, вели „Не” на национализмот и поделбата. Ние сме подготвени, со сите наши сили да ја претставиме и да ја браниме оваа порака, рече Скурлетис.

Генералниот секретар на СИРИЗА, објаснувајќи зошто се решиле на ваков чекори сподели неколку размислувања, во кои централната тема е Договорот од Преспа. Го спомена ставот на владата, но и ставот на опозицијата, како во Грција, така и во Македонија.

-Договорот од Преспа е историска шанса. Видете кои се оние кои во овој момент, од другата страна, во ПЈРМ, се борат против. Тоа се екстремните националисти. Тогаш нешто не е во ред. Не може овде, како влада,  како СИРИЗА да нè обвинуваат за намалена национална свест. Некои да сметаат дека сме предавници, а во исто време, од другата страна, екстремните националисти да веруваат дека содржината на овој договор е предавство на нивните интереси, рече Скурлетис и додаде дека тие се цврсто фокусирани на содржината на договорот.

Упати и директно прашање до опозициската Нова демократија, дали тие се согласуваат со слоганот дека „демократијата ја предаде Македонија” и рече дека е потребно формирање заеднички демократски фронт.

-Може да не се согласуваме во однос на содржината на Договорот од Преспа, но ова е целосно различно од тоа да негираме дијалог, да негираме дека постои, во рамките на нашата демократија, размена на мислења. И навистина, ми направи негативен впечаток фактот дека по повод изјавите на господинот Заев, претседателот на Нова демократија побрза уште еднаш да употреби реторика на поделба, во моментите кога владата на апсолутно јасен начин одговори на овие изјави, а и самиот Заев беше принуден да ги промени. Ние имаме кажано дека сме цврсто фокусирани на содржината на договорот, кој сметаме дека им служи на националните интереси и создава нови перспективи за Северна Грција, за Македонија, за Солун, за улогата на Грција на Балканот, рече генералниот секретар на СИРИЗА.

Прашан за изјавата на македонскиот премиер, Скурлетис рече дека нема да навлезе во логиката да ги толкува изјавите на Заев.

-Ние строго ќе ја браниме содржината на договорот, што не остава никаков простор за иредентизам или за историски неточни пристапи. И во однос на ова сме јасни. Впрочем, затоа и го промовираме овој договор за да ставиме крај на таков вид на радикални гласови, националистички гласови од другата страна. Овој договор доаѓа да затвори едно прашање со кое се занимаваме со децении, а во тој период, во овие децении, земјата не доби многу работи, не доби. Сега е моментот да направиме квалитетен скок, сега имаме голема шанса, на национално најкорисен начин, да се затвори овој случај, рече Скурлетис, пренесе МИА.

Политичкиот настан на кој ќе говори Ципрас, ќе се одржи следниот петок во вечерните часови во спортска сала во Солун, а Скурлетис најави и други вакви настани и собири.