Руско МНР: САД и ЕУ се мешаат во внатрешните работи на Македонија

Заменик-претседателот на САД, Мајк Пенс, направи уште една серија на антируски изјави во Подгорица, заплашувајќи ги лидерите од Западен Балкан со митската „руска закана“ и притоа ја обвини нашата земја дека се обидува насилно да ги прекрои границите на регионот, стои во реакцијата на руското Министерство за надворешни работи на изјавата на Пенс дека официјална Москва се меша во внатрешните работи на земјите од Западен Балкан.

„Со жалење мора да истакнеме дека Вашингтон ја продлабочува употребата на примитивните клишеа водени од идеологијата од ерата на Студената војна, кои воопшто немаат допир со реалноста. Наметнувањето на земјите од Балканот очигледно деструктивен избор да се биде „или со Западот ли со Русија“, неизбежно ја дестабилизира ситуацијата во регионот, но и во одредени држави. Истовремено, Вашингтон активно ја промовира идејата дека не постои алтернатива за НАТО за земјите од Југоисточна Европа и продолжува да спроведува проекти кои се темелат на бескруполозна конкуренција и кои имаат контрадикторна економска логика“, се вели во реакцијата.

Руското МНР, осврнувајќи се надворешното мешање во работите на земјите од Балканот, потсетува дека САД и нивните сојузници го прекршија меѓународниот закон во 1999 година со илегалната употреба на сила за отцепување на Косово од Србија, но и со последните случувања во Црна Гора и во Македонија.

„Под силен притисок на Вашингтон, Подгорица го формализираше членството на Црна Гора во НАТО на 5 јуни 2017 година и покрај противењето на мнозинството граѓани. САД и Европската Унија не се двоумеа да ја игнорираат волјата на гласачите во Македонија и не ѝ дозволија на партијата што победи на изборите од 11 декември да формира влада. Кој се меша во внатрешните работи и користи силa на Балканот? Москва или Вашингтон?“, стои во реакцијата.

Руското МНР ги повикува своите американски колеги да престанат да ја демонизираат Русија и нејзината надворешна политика, која отсекогаш се темелела на почитување на партнерите, почитување на заедничките конструктивни работи и на заедничките интереси.