Притвор за возачот на нишкиот автобус

81

Српската полиција го уапси 31-годишниот Милан Здравковиќ, кој управуваше со автобусот што на 21 декември беше удрен и преполовен од патнички воз. Инаку, денеска почина уште едно лице, седма жртва на оваа несреќа е 65-годишен маж кој им подлегна на повредите на Клиниката за анестезија и интензивна терапија во Ниш.

Здравковиќ е уапсен под обвинение за тешки дела против безбедноста на сообраќајот. Осомничен е дека ја предизвикал сообраќајната несреќа во која животот го изгубија седум луѓе, а 30 се здобија со повреди.

Возачот беше исто така повреден и му беше извршена операција, по што бил исклучен од апаратите за дишење. На 31 декември е приведен во Основното јавно обвинителство во Ниш, каде бил сослушан, по што судија му одреди притвор од 30 дена.

Како што пишуваат српските медиуми, на сослушување тој рекол дека не е виновен и тврдел дека на преминот застанал и погледнал од левата и од десната страна, но дека не може да објасни како не го видел возот кој му доаѓал од левата страна.

Според неофицијални информации неговите наводи ги оспориле видео снимките од надзорните камери на автобусот, на кои се гледа дека воопшто не погледнал дали е сигурно да се помине преку преминот.