БиХ: Ученик наплаќал за лажно да пријавува бомби во училиште

78

Полицијата од Сараево привела тројца малолетници под сомнение дека веќе извесен период организирано лажно дојавувале бомби во средните училишта во градот, а притоа и наплаќале.

Според полицијата, за 11 дена имало вкупно 10 лажни дојави. Двајца средношколци навеле трето малолетно лице да пријавува дека во училиштата има бомби и притоа му давале и мобилен телефон, но тој им наплаќал и по 100 конвертибилни марки (50 евра) по повик. Наводно, се работи за случај во кој неколку ученици сакале да го избегнат тестот по латински јазик во средното заботехничко училиште.

Исто така, пријавено било и дека во Првата гимназија е поставена бомба, по што биле евакуирани и вработените и учениците, а по спроведената контрола констатирано е дека се работи за лажен повик.

Подоцна, било пријавено дека е поставена бомба и во Петтата гимназија. Поради пречестите дојави, полицијата се посомневала дека всушност се работи за организирано лажно пријавување и со налог за следење на комуникации е стигнато до осомничените. Децата по информативниот разговор се пуштени дома.