22 C
Скопје

Свекор ми почина од преплет црева, а не од Ковид 19 и за скапиот погреб барам Обвинителството да постапува!

Снаата на покојникот Јасминка Ѓоргиева, по професија дипломиран правник решила дека нема да остави случајот да помине туку така, туку дека правдата ќе ја бара во правосудниот систем.

Семејството на 78-годишниот Димитар Тодоров од Кавадарци, не можело ниту да претпостави дека по неговата смрт ќе го добие телото во залемен лимен саркофаг, ,,спакувано” по протокол за коронавирус, а уште помалку дека до Основното јавно обвинителство ќе достави пријава за измама.

Причината поради која што ова за нив било неочекувано е тоа што човекот немал коронавирус, што се гледа и од отпусното писмо од болницата 8 Септември, а доказ за тоа е и фактот што на погребот имало повеќе од 20 присутни, никој од семејството не е во изолација ниту пак било кој е носител на вирусот.

Снаата на покојникот Јасминка Ѓоргиева, по професија дипломиран правник решила дека нема да остави случајот да помине туку така, туку дека правдата ќе ја бара во правосудниот систем.

Таа за Слободен печат тврди дека воопшто на семејството не му било дозволено да одбере ковчег, дека е одбран скап ковчег и дека севкупната сума на погребалните услуги е поголема од сметките за погреб на оние кои што навистина починале од коронавирус и за кои навистина бил потребен овој протокол со два сандака.

Последните денови од својот живот 78 годишниот Тодоров ги поминал барајќи помош од болница во болница за болките што ги чувствувал во стомакот. Од кавадаречката општа болница бил препратен прво на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје, а оттаму со брза помош како итен случај го однеле во болницата 8 Септември. На лекарите им дал податок дека пред неколку години имал операција на стомакот, дека прима лекови за срце и дека има хронична белодробна опструктивна болест. Во отпусното писмо кое што семејството го добило од болницата пишува дека има негативна епидемиолошка анамнеза за Ковид 19. Го внеле во операциона сала, му дале анестезија, го интубирале и го поставиле на механичка вентилација. Веднаш му опаднал притисокот и пулсот, почнале да го реанимираат, но за жал неуспешно, по што починал во 20 часот и 50 минути на 17 април.

И тука почнала сагата на вознемиреното и ожалостено семејство на Тодоров. Организирале погребално претпријатие од Кавадарци, но на половина пат им било кажано дека телото од 8 Септември ќе го подигне АД Бутел. А во Бутел, синот на покојникот ја добил и фактурата за ковчегот и пропратната погребална опрема, која ниту некој од семејството ја одбрал, ниту некој ги прашал. На сметката биле наведени погребен ковчег со цена од 16.400 денари, лимен саркофаг за 16.900 денари, пластична вреќа од 1950 денари, санитарна услуга од 1.200 денари, пресметан утовар и растовар на починато лице од 1.500 денари, лемење на сандакот 4.000 денари, превоз од 8.000 денари, користена услуга за ладилник од 250 денари и превоз од болницата 1.500 денари.

Синот на Тодоров на лице место во готово платил 51.700 денари. Во оваа цена не влегуваат дополнителните трошоци на кои семејството било изложено во Кавадарци, дополнителни 9.500 денари за ископ, закоп, слика, рамка, лимено сандаче и други потребни работи за да се обави последното испраќање.

На сметката која до редакцијата на ,,Слободен печат” ја достави семејството, пишува дека рокот на плаќање е 0 денови, дека после тој рок се пресметува затезна камата и дека дополнителни рекламации не се прифаќаат, а дека во случај на спор надлежен е судот во Скопје.

Снаата на покојникот до Основното јавно обвинителство во Скопје поднела пријава за нивно постапување во која тврди дека телото на починатиот е однесено во АД Бутел без согласност на семејството и дека како што нотирал во отпусното писмо специјалистот од 8 Септември Александар Милески, покојникот имал негативна епидемиолошка анамнеза за Ковид 19.

,,И покрај тоа, наплатена е фактура во износ кој е за 20.000 денари поголем од пациенти кои починале како последица од Ковид 19. Од фактурата се гледа дека починатиот е сместен во лимен сандак кој е наплатен 16.900 денари и погребен ковчег кој е наплатен 16.400 денари за кои никогаш не сме се согласиле. Фактурата од страна на синот на починатиот е платена во готово поради вршење на закоп, кој беше завршен без основно достоинство кон починатиот, во најголема неизвесност, истиот ден кога едвај се подигна телото во доцните попладневни часови. По извршениот закоп, повеќе пати усно телефонски е контактирано со вработени од Погребен сервис Бутел за висината на фактурата и добивме одговор Кој ве терал да ја платите фактурата и ,,починатиот изгледа бил крупен човек па затоа е голема фактурата”. Ова уште повеќе личи на невидена иронија во цела болка и предизвикува душевно страдање. Имајќи го предвид сето гореизнесено ве известувам за ваше истражување и понатамошно постапување. За оваа постапка известен е и министерот за здравство на РСМ, како и неколку електронски и печатени медиуми кои објавија прилози” стои во пријавата до Обвинителството.

Од Бутел погребен сервис за Слободен печат велат дека постапиле согласно нивните надлежности. ,,Бутел погребен сервис има постапено и го презема починатото лице на повик на медицинскиот персонал од болницата, со образложение дека истото лице се води како суспектно на коронавирусот и било сместено во корона центарот и третирано како такво. За дополнителни прашања обратете се во 8 Септември”, велат од погребалното.

Но, во отпусното писмо за пациентот се тврди дека има негативна анамнеза за Ковид 19. Фамилијата која до последните денови била во контакт со сега починатиот Тодоров, воопшто не е ставена никогаш во изолација, зашто за тоа немало никаква потреба. Од семејството тврдат дека коронавирусот не бил ниту присутен кај Тодоров, ниту причинител на неговата смрт.

-Уште потажно е што свекор ми беше син на народниот херој Блажо Тодоровски Чичето кој се борел за слободата на Македонија и не заслужи ваков третман. Зачудена сум како се прави трговија со смрт, ни изјави снаата на покојникот, Ѓоргиева.

Во дневната статистика на заразени и починати, Димитар Тодоров воопшто не е споменат ниту евидентиран од Институтот за јавно здравје, велат од фамилијата.

Поврзани вести

Македонец стана член на престижна меѓународна стручна асоцијација

Слободен печат

Германија против укинување на патентите за вакцините

Слободен печат

Неексплодирана граната пронајдена во нива во Охридско со потекло од Првата светска војна

Слободен печат

Вархељ: Членките на ЕУ одобрија примена на нова методологија за Србија и Црна Гора

Слободен печат

„Глобсек“: Црна Гора е најруската членка на НАТО, две третини од Македонците се приврзани кон Русија

Слободен печат

Советот на Европа бара да се подобрат условите во „Идризово“ и во „Шутка“

Слободен печат

Остави Коментар