Сведоштва од Италија: Пациенти со коронавирус умираат сами и се погребуваат без обреди

epa08305782 Workers stand next to coffins and remains of the coronavirus victims, in Bergamo, Italy, 18 March 2020. Italy is under lockdown in an attempt to stop the wide spread of Coronavirus. Italy now has more than 30,000 coronavirus cases. EPA-EFE/FOTOGRAMMA

Како што се полнат мртовечниците, така се собираат ковчези, а ожалостените тагуваат во изолација: „Тоа е најгорчливиот момент“

Во средата на полноќ, Рензо Карло Теста починал на 85-годишна возраст од коронавирус, во болница во градот Бергамо, во Северна Италија. Пет дена подоцна, неговото тело се’ уште е во ковчег, еден од многуте наредени во линија во преполната црква на локалните гробишта, која е затворена за посетители.

Неговата сопруга Франка Стефанели (70), со која бил во брак 50 години, сака тој да добие соодветен погреб. Но, традиционалните погребални служби се нелегални низ Италија во моментов, како дел од рестриктивните мерки против собирање на луѓе и излегување од дома кои беа воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот. Во секој случај, таа и нејзините деца не би можеле соодветно да го испратат својот сопруг и татко, бидејќи и самите тие се заразени и во карантин.

„Навистина е чудно“, вели Франка, трудејќи се да пронајде зборови за да објасни низ што поминува „Не е лутина. Импотенцијата во лицето на овој вирус“.

Преполна мртовечница во Бергамо, Италија / 18 март 2020 / Фото: EPA-EFE/FOTOGRAMMA

Епидемијата во Италија ги затвори скоро сите установи и продавници, улиците се празни откако 60 милиони жители се буквално во домашен притвор. Докторите и медицинскиот персонал се преморени и работат деноноќно за да помогнат на се поголемиот број на пациенти. Децата низ терасите пуштаат цртежи со виножита и цели фамилии излегуваат да пеат. Но ултимативниот број на пандемиите произлегува од жртвите на истите. Во Италија, која важи за држава во Европа со најголем број на постара популација, бројот на жртви од Ковид-19 е особено голем, со повеќе од 3.000 смртни случаи. Само вчера починаа над 400 пациенти и Кина веќе не е државата со најголем број на смртни случаи, туку Италија.

60 милиони луѓе во Италија се под карантин / Рим, 18 март 2020 / ФОТО: EPA-EFE/Massimo Percossi

Ковчезите со телата на починатите се трупаат во северниот предел на Ломбардија, особено во провинцијата Бергамо. Во понеделникот беа регистрирани 3.760 случаи на нови пациенти, 344 повеќе од претходниот ден. За ова место се претпоставува дека во моментов е центарот на заразата.

Болничките мртовечници се преполни. Градоначалникот на Бергамо, Џорџо Џори, соопшти дека локалните гробишта ќе бидат затворени за првпат по Втората Светска Војна, иако претходно гарантирал дека капелите ќе прифаќаат кофчези. Некои од нив биле испратени во Црквата во Бергамо, лоцирана во затворените гробишта. Таму веќе имало голема бројка на восочно-дрвени ковчези, кои формирале морбидна линија во редот за кремирање.

Црквата во Бергамо / 19 март, Италија / ФОТО: EPA-EFE/TIZIANO MANZONI

„За жал, не знаеме каде да ги ставиме сите ковчези“ – изјавил Марко Бергамели, еден од свештениците во црквата. Тој рекол дека стотици луѓе умираат дневно и дека за секое човечко тело процесот на кремирање трае еден час, што предизвикува голем застој во целата процедура.

„Треба време, а жртвите се многу…“.

Властите дозволуваат свештениците да се помолат за починатите во присуство на само неколку најблиски. За време на молитвите со блиските на починатите, кои најчесто носат маски, свештеникот вели дека се обидува да ги зближи, доколку е возможно, со оние кои што се сами.

„Оваа трагедија не потсетува дека треба да го сакаме животот“, вели тој.

Во соседното село Зоњо, локалниот свештеник решил, наместо камбаната да бие за секој што ќе почине, да бие само еднаш дневно. Во Касалпустерленго, соседен град, свештеникот Пјерлуџи Лева истакнал дека верниците тешко се справуваат со отсуството на погреб како церемонија за починатите.

Локалните асоцијации и здруженија од Бреша започнаа да собираат хуманитарни средства за да се купат таблети и телефони за пациентите да можат да се видат – или поздрават, со своите најблиски.

Свештеник го благословува новиот оддел отворен за лекување на пациенти со коронавирус во Рим / 16 март, Италија / ФОТО: EPA-EFE/FABIO FRUSTACI

За смртта на 85-годишниот Рензо Карло Теста пишувало и во локалниот весник „Ехо на Бергамо“. Во весникот најчесто има една страница предвидена за некролози, а во петокот весникот имал 10 страници пополнети само со некролози, додека останатите биле посветени на ужасот кој вирусот го донел во регионот.

За нас, ова е траума – емоционална траума“, вели Алберто Цересоли, кој е уредник на весникот. „Ова се луѓе кои умираат сами и се погребуваат сами. Тие немаа никој покрај нив да им ја држи раката, а погребите се брзи со кратка молитва од свештеник. Многу од блиските на починатите се во карантин“.

Џорџо Валоти, градоначалник на соседното место Цене, почина претходниот петок. Тој имал 70 години, а неговиот син, Алесандро рекол дека 90 пациенти починале во истата болница во Бергами.

„Вирусот ја масакрира оваа долина, секое семејство губи по еден близок“, вели тој, додавајќи „Во Бергамо, толку многу трупови се собраа и навистина не се знае што ќе се случи со истите“.

Во Фиобо, мало селце до Бергамо, амбулантно возило дошло да го земе таткото на Лука Карара, 86-годишен човек. Во саботата, уште едно возило дошло за неговата мајка, која имала 82 години. Лука не можел да ги посети своите родители бидејќи морал да остане дома во карантин кога почнал да ги чувствува симптомите на новиот вирус. Во вторникот, неговите родители починале. Нивните трупови чекаат да бидат кремирани во болничката мртовечница.

„Многу ми е жал што се’ уште се таму“, вели Лука. „Се’ уште сами…“.

Кофчези во црквата во Бергамо / Италија, 19 март 2020/ ФОТО: EPA-EFE/TIZIANO MANZONI

Лука Ди Палма (49) вели дека неговиот татко Виторио (79) починал минатата среда и дека погребалната служба му телефонирала за да го извести дека нема место за трупот. Наместо кремирање, му доставиле ковчег до адресата, неколку свеќи, крст и соодветен фрижидер за да може да го смести трупот на својот татко во дневната соба. Тој вели дека никој не дошол да се збогува со неговиот татко од страв да не се заразат, иако татко му починал пред да биде потврдено дека е заразен од коронавирус, бидејќи докторите одбиле да му направат тест.

Алесандро Боси, секретар на националната Федерација на Погребалните друштва во Италија, изјавил дека вирусот пристигнал и во нивните институции, откако оние кои ги припремаат телата за кремирање не носеле соодветна заштита за време на процесот, односно маска и ракавици. Додека здравствените власти тврдат дека не би требало починатите да го пренесат вирусот, Алесандро вели дека кога трупот се разместува, белите дробови испуштаат воздух.

„Мораме да се погрижиме да ги третираме починатите исто како што се третираат заразените“, вели тој и додава „Ако не сме ние, ќе треба да ја викнат војската за сите овие трупови“.

Воени возила во Бергамо ги изнесуваат сите починати пациенти / 18 март 2020 Бергамо, Италија / ФОТО: EPA-EFE/FABIO CONTI

Во некои делови во јужна Италија, каде римокатоличките традиции се многу битни, погребните ритуали за некои луѓе биле премногу есенцијални за да се откажат од идејата.

Во Порто Емпедокле, мал град на Сицилија, локалните власти велат дека тие детекирале 48 лица кои загубиле блиски и учествувале во церемонии кои се спротивни на рестрикциите, па сега им се заканува затворска казна до 3 месеци.

Оттаму, свештеното лице Леополдо Аргенто (59) вели дека чинот на погреб е дел од нивната антропологија и дека го разбира импулсивното однесување на луѓето кои ги губат најблиските од вирусот, но дека погребите мора да бидат одложени. „Нормално, од 600 до 1.000 луѓе присуствуваат на погреб, во Сицилија – смртта на близок човек тука е многу силен и битен момент во нашиот социјален живот“ – истакнува тој.

Социјалниот живот во Италија е целосно трансформиран од коронавирусот, а најмногу во Ломбардија.

Италија, март 2020 / Фото: EPA-EFE/GIUSEPPE LAMI

Џакомо Грасели, кој ја координира интензивната нега во болниците во Ломбардија, вели дека причината за големиот број смртни случаи во Италија е тоа што нивната популација брои многу постари лица. Пациентите што умираат најчесто се на 80-годишна возраст, а медицинскиот персонал е приморан да одлучува дали треба да презема инвазивни мерки за да го асистира дишењето на некоја постара личност, но сите пациенти добиват грижа, истакнал тој.

„Ова нема да трае засекогаш“, вели координаторот, додавајќи колку е битно луѓето да бидат во самоизолација и карантин, бидејќи само тогаш се забележува пад на бројките – „Нема друг начин да го преживеме ова“.

Автор: Елизабета Поволед, Рим Италија – Текстот е преземен од Њујорк тајмс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот