Свечено отварање на 61. издание на „Охридско лето“

Охридско лето
Фото: МИА

Во Охрид вечерва ќе биде подигната завесата на годинешното 61 издание на најреномираната и најголемата музичко-сценска манифестација во земјата, Фестивалот „Охридско лето“.

За свеченото отворање на Фестивалот што секогаш е посебно уметничко доживување, сцената на Античкиот театар е резервирана за големиот музичко-сценски спектакл „Големиот Чајковски”, сочинет од најубавите дела на рускиот композотор, со изведби на делови на балетската трилогија „Лебедово езеро”, „Оревокршачка” и „Заспаната убавица”, и извадоци од балетот „Ана Каренина” и операта „Евгениј Онегин”. Повеќе од 90 балетски првенци, солисти, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, предводени од диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, што се носители на проектот веќе ги одржаа генералните проби на Антички.

Оваа година на програмата на Фестивалот се 34 уметнички концерти и шест театарски претстави. Повеќе од 500 уметници од 18 земји ќе бидат дел од магијата што уметноста ќе ги донесе во Охрид, врвни концерти со познати светски имиња, со приоритет на македонски уметници кои имаат светска слава, национални оркестри и театарски куќи. Спој на еминентни домашни изведувачи кои заедно ќе настапат со светски познати имиња од уметноста, за потврда на Фестивалот „Охридско лето” како еден од најголемите промотори и афирматори на врвната уметност.

Фестивалот за отворен ќе го прогласи покровителот на Манифестацијата – претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Пред публиката уште ќе се обрати и министерката за култура Ирена Стефоска, додека пораката на уметниците ќе ја пренесе Олга Панго, директорката на Националната опера и балет.

Меѓу најдобрите и најхрабрите со кои фестивалската публика во Охрид ќе се дружи наредните месец и половина се врвни имиња од областа на музичката уметност како Александар Штаркман, Ѓуљсин Онај, Вихан квартет, Ирина Графенауер, Мате Бекавац Кирил Родин, Жени Захариева, Маја Богданович, Даниел Родан, Стојан Димов и Дино Имери, Дарко Костовски, Васко Дантас, барокниот ансамбл „Театро ала мода”, Горѓи Цинциевски, Саимир Пиргу и Мерита Таршана, гудачки квинтет на филхармонијата од Загреб на чиј концерт ќе настапи нашиот млад виолинист Александар Иванов, Калина Мрмевска, Надја Неволовиќ, женскиот хор под раководство на диригентот Ивица Зориќ Менада, мешаниот хор на филхармонијата од Приштина, Елоизе Карлин, Барокни дијалози со камерниот ансамбл на Македонска филхармонија, Алесандро Фатони и Џорџо Мартану,Петру Иуга и Михаил Хориа, Хајди Елзесер и Ненад Лечиќ, Лирска вечер со фестивалски камерен оркестар и вокални солисти под диригентската палка на Паскал Галоа, Захариас Тарпагос и Валерија Харитиду, дуото гитари Горан Кривокапиќ и Даниел Церовиќ, Владимир Марковиќ и Јулијана Шуловиќ, Драган Средојевиќ и Ненад Ивовиќ.

Во драмскиот дел покрај четири домашни театарски продукции во Охрид ќе гостуваат уште и актерските екипи на Српското народно позориште од Нови Сад и Југословенскиот драмски театар од Белград.

„Охридско лето“ како манифестација има своја особена специфика, со строги правила што се може да биде ставено на програмата. Но, покрај оној класичен дел преку „офф програмата“ нуди и неколку содржини наменети за пошироката публика. Оваа година тоа ќе биде концертот на Националниот ансамбл „Танец“ кој јубилејот по повод 70-годишнината од формирањето ќе го одбележи со настап заедно со националниот хрватски ансамбл „Ладо“. Тука е и роденденскиот концерт на фестивалот со концертот на „Синтезис“, а голем интерес кај пошироката публика има и за најновиот проект „Нашата вечер во Охрид“ што српскиот драмски уметник и актер Иван Босиљчиќ специјално го подготвува за долго очекуваната средба со публиката на Фестивалот „Охридско лето“.

Претседателот Пендаровски ќе го отвори 61. издание на Охридско лето

Видео на денот