Свечен настан во Небрегово во чест на Блаже Конески: Славата на бесмртните е бесконечна

Фондацијата „Небрегово“ на 24 септември во родното место на великанот Блаже Конески одржа свечен настан по повод 100-годишнината од раѓањето на Конески и 20-годишнината од основањето на фондацијата.

Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, именувана по родното место на Блаже Конески, со свечен настан непосредно и конкретно се вклучи во суштинското одбележување на два јубилеја: 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески и 20 години од формирањето на Фондацијата. Со наслов „Конески: минато – сегашност – иднина“ на настанот беа промовирани новите изданија на фондацијата и беа доделени признанија и плакети на институции и заслужни поединци.

Во своето воведно обраќање пред присутните, секретарот на фондацијата Атанас Конески посочи дека насловот на свечениот настан ги поврзува минатото, сегашноста и иднината затоа што „Блаже Конески не беше само човекот на нашето време, туку беше и е човекот на сите времиња, зашто големото дело на Конески почива на цврсти темели и е долговечна визија, со интелектуална моќ да го создава тоа што е повик на историскиот миг, со постојано обновливи мудри пораки“.

Обраќајќи се во име на фондацијата „Небрегово“, Атанас Конески посочи дека оваа година нè напуштија две значајни личности од научниот и културниот живот, академик Георги Старделов, најтемелен аналитичар на литературното дело на Блаже Конески, кој беше прв претседател на Советот на Фондацијата, и професорот Трајко Стаматоски, најблизок соработник на Блаже Конески, прв и долгогодишен претседател на Управниот одбор на Фондацијата „Небрегово“.

Делото на Блаже Конески е тестаментално, зашто тој како наддржавен авторитет, остави траен печат во нашата културна ризница, истакна Атанас Конески

Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ е формирана на 19.12.2001 г. (на роденденот на Блаже Конески) и годинава слави 20-годишно постоење. Нејзината основна програмска цел е да ја запознава јавноста со големото дело на академик Блаже Конески за да биде показ, патоказ и инспирација и за идните генерации. За таа цел, Фондацијата формираше едиција за издавачка дејност „Македонски збор“, во која досега излегоа пет книги, и тоа: „Студии и огледи за Конески“ (2002 г.), „По што го запаметив Конески“ (2003 г.), „Мислата на Конески“ (2006 г.), „Како го читам Конески“ (2018 г.) и „Окружието на Конески“ (2019 г.).

– Во изминативе 20 години, во оваа едиција се издадени пет книги во кои се застапени 150 автори од различни генерации, со научни и стручни текстови, на вкупно 1308 страници. Оваа суштинска определба на Фондацијата се темели на фактот дека обемното творештво, пишаниот збор останува во трајно паметење и континуирано вреднување на литературното и лингвистичкото дело на Блаже Конески. Тоа го потврдува фактот дека Блаже Конески непобитно е предизвик и инспирација за сите генерации и со неговото дело мотивира за натамошно проучување на суштинските прашања за нас – образложи Конески.

Блаже Конески непобитно е предизвик и инспирација за сите генерации и со неговото дело мотивира за натамошно проучување на суштинските прашања за нас

Во серијата „Поттикот Конески“ се објавени 9 книги на различни теми, меѓу нив и најновите: „Граматичарот Конески“ и преиздадените книги „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ (1948 г.) и „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“ (1945 г.), што ги промовираше професор д-р Живко Цветковски.

По повод 65 години од Граматиката на Конески, Фондацијата „Небрегово“ во серијата „Поттикот Конески“ како осма книга ја издаде малата, но мошне значајна книга „Граматичарот Конески“, која ја сочинуваат три прилози од нашите истакнати лингвисти Трајко Стаматоски, Снежана Веновска – Антевска и Максим Каранфиловски.

– Управниот одбор на Фондацијата „Небрегово“ сметаше дека големиот јубилеј 100 години од раѓањето на Конески треба да се одбележи и со преобјавување на некои негови знаменити трудови од педесеттите години на минатиот век, денеска потешко достапни до пошироката јавност. Едногласна беше одлуката за репринт на публикациите „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“ и на „По повод најновиот напад на нашиот јазик“. Иако се објавени пред повеќе од 70 години, овие по обем скромни книшки и денес немаат ништо изгубено од научната вредност и актуелност, особено ако се имаат предвид речиси постојаните оспорувања и негирања од некои соседни држави на нашиот јазик, историја, литература и култура, а со тоа на сѐ што е македонско – истакна професорот Живко Цветковски.

На свечениот настан во Небрегово беа промовирани најновите изданија на Фондацијата „Небрегово“

На свеченоста беше промовирана и најновата книга од едицијата „Македонски збор“ под наслов „Конески инспирира и мотивира“, што претставува своевидна монографија за активностите на Фондацијата „Небрегово“ во своето 20-годишно постоење.

– Блаже Конески и неговото дело се повеќе од реченото и напишаното, бидејќи засекогаш останува живиот спомен за него и неговата бесмртност, а славата на бесмртните е бесконечна. Мислата на Конески дека „јазикот е единствената наша комплетна татковина“ е аманетот за сите генерации и со право е запишана во споменикот на Конески пред МАНУ, а искажана од Конески при промоцијата на книгата од Трајко Стаматоски „Борба за македонски литературен јазик“, на 29 март 1986 година. Јас само ќе додадам дека македонскиот јазик е аксиома – непобитна вистина и не смее да се доведува во прашање неговиот опстој и неговата иднина. Овие мисли го потврдуваат патот на нашата самобитност, на нашиот вековен македонски јазик, на македонската литература, на нашата национална култура и на македонскиот идентитет и континуитет, а тоа иницира нови проучувања и вреднувања, што е привилегија и за идните генерации – посочи Конески.

На свечениот настан во Небрегово беше доделено признание и на весникот „Слободен печат“ со прилогот за култура „Културен печат“ за зачувувањето и продолжувањето на ликот и делото на Блаже Конески

Свечениот настан во Небрегово се одржа како дел од Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, која за прв пат годинава е дел од календарот на важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО.

Покрај секретарот на Фондацијата „Небрегово“, професор Атанас Конески, и професорот во пензија од Филолошкиот факултет при УКИМ, Живко Цветковски, на свечениот настан пред присутните се обратија и националниот координатор за развој на културата при Владата, Роберт Алаѓозовски, како и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 98, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот