„Свадбарите“ од Нерези позитивни на Ковид 19, не ги кажуваат контактите!

венчавка свадба
Архива / Unsplash / Louis Tosta

На тешки маки се инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, зашто од свадбата која на 31 мај се одржа во скопската населба Нерези, со невеста вработена во Лекарска Комора – има 14 позитивни лица со коронавирус и ниеден од нив не сака да каже со кого бил во контакт.

Како што за „Слободен печат“ потврдуваат доброупатени извори од Инспекторатот, ситуацијата особено ја комплицира тоа што таткото на невестата, работи во Психијатриската болница Скопје во Бардовци, во дијагностика и тоа со работен стаж од 36 години како етаблирано медицинско лице со огромно искуство во својата област.

Компликацијата е во тоа што ова медицинско лице, инаку татко на невестата, воопшто не било посочено како контакт во епидемиолошката анкета на ниеден од гостите на церемонијата, по што тој продолжил да оди на работа во Психијатриската болница.

– ДСЗИ има податоци само за 14 позитивни, добиени од Центар за јавно здравје Скопје. Податоци за контакти, ниту еден од овие 14 не даваат, изјави за „Слободен печат“ директорката, доктор Ирина Сотирова Бухова.

Како што објави на прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче, на оваа свадба имало 100 присутни гости, а се одржала на 31 мај. Во тој период свекорот веќе бил со симптоми, сестрата на младоженецот исто така, а подоцна позитивни се покажале и невестата и младоженецот. Поради тоа што невестата работела во Лекарска Комора, морало да се тестираат сите во Лекарска комора, но не биле со висок ризик и комората непречено функционира. Меѓутоа, проблемот е во тоа што има 14 позитивни од семејниот настан, а со кого контактирале не кажуваат.

„Слободен печат“ стапи во контакт со Сефедин Алиу, татко на невестата и вработен во дијагностика во психијатриската болница во Бардовци. Тој тврди дека со ќерка му не се видел дента на свадбата, туку 3 или 4 дена претходно и дека тогаш немало опасност за да се инфицира. Алиу тврди дека сам се тестира приватно, на секои две недели, зашто е одговорен и совесен.

– Јас работам во здравството 36 години во дијагностика. Општествената одговорност е голема работа. Имено, мене не ми требаат закони, зашто сум доволно воспитан и медицински образован и искуството не ми дозволува да се однесувам индолентно ни кон своето ни кон здравјето на останатите. Јас ќе ви речам, ние не правевме свадба. Поради ситуацијата се свртевме на традиционалниот начин, како што правеле порано нашите родители. Од женска страна, нема свадба, туку семејството е во тага и во плач во нашата традиција. Свадбата е направена во Нерези. Ние што сме, од женската страна, имавме церемонијален отпраќај од 15 минути, на кој што држевме дистанца и јас купив 100 маски за да се сочуваме. Така што, контактите се избегнати и нема ниеден заразен 20 дена. Јас сум во синдикатот и како медицинско лице сум се заштитувал и себеси и сите, ни рече доктор Алиу.

Докторот додаде дека според традицијата, семејството од страната на девојчето, не одат на свадбата.

– Значи, јас не сум бил на свадба дента во Нерези, зашто традицијата е таква, роднините од страната на девојчето не одат на свадба. Јас контактите со девојчето ги имам во период кој не е ризичен, односно 3 до 4 дена пред свадбата. Тоа на кое што присуствував јас кај нас дома, не може да се нарече ни собир, тоа е преголем збор. Бевме јас, брат ми, жена ми и од брат ми жена му девојчето и така. Која е логиката да правам свадба, а ниеден колега од болницата да не викнам, а на сите нивни свадби сум бил присутен? Значи, не сум бил во Нерези. И затоа не сум во изолација, одам на работа, посочи Алиу, додавајќи дека сите позитивни се од страната на неговиот зет.

Директорот на Психијатриската болница Скопје, Ќамиљ Ковачи во кусиот телефонски разговор ни рече дека има 360 вработени во болницата во која е директор и дека нема добиено никакво решение дека Алиу треба да е во изолација.

– Сум слушнал дека имало некаква свадба ама јас имам 360 вработени и не можам да знам кој каде бил. Тоа другите институции имаат надлежност, ако некој бил заразен и кажал во епидемиолошката анкета дека имал контакт, тогаш се изолира. Но, тоа оди со решение. Оди на работа и не ми има кажано дека имал контакт со заразен за да би можеле да му кажеме да се изолира. Мислам дека е совесен и не би постапил погрешно, сепак е во медицината многу долго време, ни изјави директорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот