Суспензија за ДУП нема, побарана е дозвола за градба, на повидок е изградба
Очекувањата на јавноста дека на седницата на Советот на Општина Центар ќе се донесе одлука за суспензија на детални урбанистички планови што не се во согласност со ГУП или е прекршена процедурата при нивното донесување, меѓу кои е и ДУП Ц 08 за парцелата кај „Холидеј ин“, не се остварија. На седницата советниците само ја разгледаа информацијата за таквата можност, но и за последиците кои евентуално би ги претрпела локалната власт откако ќе заврши периодот во кој планот би бил суспендиран. Седницата беше прекината без заклучок и без препорака.
Според градоначалникот Саша Богдановиќ, доколку се тргне во постапка за суспензија, а не се постигне посакуваниот ефект Општината може да се соочи со штета.
– Иако немаме методологија за елаборатите, ние ги изработивме, ги наведовме нашите укажувања за недостатоци. За да се испорачаат елаборатите за мислење од страна на Министерството за транспорт и врски, за да се донесе конечна одлука за супсензија треба да се добие мислење од Министерството за транспорт и врски, кои ја немаат допрецизирано методологијата – рече Богдановиќ.
Советничката Јана Белчева Андреевска нагласи дека одолговлекувањето со испраќање на елаборатите е само купување време.
– Сето ова одлговлекување на неиспраќање на елаборатите кои се веќе изготвени и се изготвени подолго време од стручните служби практично се искористило за купување време, малку за замајување на јавноста за да дојде до одобрување на проектот, да се овозможи чист терен за издавање дозвола за градба – рече Белчева Андреевска.
Таа укажа дека во членот 9 од Законот за урбанистичко планирање стои дека штети можат да настанат и од суспендирање на планот, но постојат и штети од неотстранување на недостатоците на урбанистички план.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски претходно објасни дека доколку Општината донесе одлука за суспензија на одреден план ќе треба да достави елаборат до Министерството за транспорт и врски.
-Доколку се работи на суспензија на цел план, има можност за суспензија од 12 месеци додека се донесе новиот план. Доколку се работи на суспензија на само еден дел од тој план тогаш има можност за шест месеци да биде суспендиран тој план и во тие шест месеци да се донесе промената која што би била адекватно и соодветно за таа матична општина – рече Бочварски.
Во членот 23 од Законот за урбанистичко планирање, во кој се предвидува суспендирање на ДУП и каде се прецизирани условите, начинот и времетраењето на суспензија, се одредува и што се случува по истекот на роковите. Според законското решение по истекот на роковите за негова ревизија и донесување нов план или измена на делови од планот „ суспендираниот урбанистички план, неговите делови или плански одредби продолжуваат да се спроведуваат, при што штетите што настанале од суспендирањето на планот како и од неотстранувањето на недостатоците на урбанистичкиот план од ставот (5) од овој член, ги сноси единицата на локалната самоуправа за урбанистичките планови од локално значење и Владата на Република Северна Македонија за урбанистичките планови од државно значење“.
И додека локалната власт реши што понатаму со ДУП за просторот кај “Холидеј ин“, времето минува, инвеститорот веќе ги уплати парите за комуналии за изградба на првата кула, а деновиве во јавноста беше презентиран и проектот за изградба на парцелата 1.1 која го опфаќа паркингот и просторот каде се наоѓаше „Дрводекор“, без куќите од Ново Маало. Поднесено е и барање на дозвола за градба, но дозволата не е се уште издадена.
Жителите на населбата Ново Маало, изразија поддршка на проектот со надеж дека конечно ќе добијат пристојни услови за живот. Тие на прес конференција нагласија дека штом започне изградбата ќе остварат состанок со инвеститорот и ќе започнат преговори за да добијат живеалиште од предвидениот проект.
Проектот предвидува изградба на три згради на парцелата 1.1, две станбени од по 20 и 22 ката и една деловна од 16 ката, во кои ќе има 400 станови во кои се очекува да живеат околу 1.200 жители. Предвидени се и 1.000 паркинг места и зелена површина од 6.520 метри квадратни. Што ќе се гради на парцелите 1.2 и 1.3 на кои сега се наоѓаат куќите од Ново Маало засега е непознато.
– Во станбените згради во ГП 1.1 ќе се обештетуваат лица и од другите парцели – одговорија од фирмата „МГ Фешн“ на прашањето од „Слободен печат“ дали жителите од Ново Маало ќе добијат станови во станбените зграда на парцелата 1.1 или тие ќе се обештетуваат подоцна кога ќе дојдат на ред другите парцели.