Сушата ги испразни резервоарите: Грчките острови останаа без вода

Грција очекува рекордна туристичка сезона - Фотографија Profimedia

На Наксос морска вода навлегла во празните канали за иригација, што го загрозува производството на компири, на Карпатос се воведени ограничувања за полнење на пливачките базени, а на Тасос властите побарале уреди за десалинизација за да се обезбеди доволно вода

Најголемиот резервоар за вода на Наксос пресушил, а ситуацијата е критична и на други грчки острови. На Наксос морска вода навлегла во празните канали за иригација, што го загрозува производството на компири.
На Карпатос се воведени ограничувања за полнење на пливачките базени, а на Тасос властите побарале уреди за десалинизација за да се обезбеди доволно вода.
Температурите се вообичаено високи за Грција за почетокот на летото, но долго време не заврнал дожд, на некои места со месеци. Земјата летово очекува рекорден туристички бран, поради што празнењето на резервоарите може да биде голем проблем. Поради рекордно топлата зима, шумските пожари почнаа рано во годината, во време кога во нормални услови сѐ уште не се истопил снегот.

– Има интензивна суша низ целиот Медитеран, што особено го погоди Наксос – изјави градоначалникот на островот Димитрис Лијанос.

Климатските експерти предупредуваат дека „најлошото претстои“. Андреа Торети, координатор на Опсерваторијата за европска и глобална слуша при Службата за итни работи на европската агенција Коперникус, изјави за Ројтерс дека „кога последиците од сушата ќе станат видливи, тоа значи дека веќе е доцна за да се реагира“.

– Мора да избегнеме да размислуваме за итна реакција, туку да се посветиме на спречување и подготвување – изјави Торети.

Околу 20.000 жители на Наксос се домаќини на речиси исто толку туристи секое лето. Двата резервоари имаат капацитет од 220.000 кубни метри вода, што е три пати помало количество од лани. Локалните власти веќе обезбедиле три мобилни единици за десалинизација, што помага да се избегне целосна суша на островот. Преработената морска вода може и да се пие и да се користи за домаќинствата.
Со многу поголем проблем се соочуваат земјоделците, кои не добиваат преработена вода и ги користат бунарите, кои веќе се полнат со морска вода. Преполовен е родот на познатите компири од Наксос, заштитени со европските правила.

– Ова е големо разочарување, бидејќи на луѓето не им успеа да препознаат дека климатските промени ќе затропаат и на нашите порти – изјавил за Ројтерс Стелиос Ватракокоилис, одгледувач на компири од карпестиот остров.

Тасос е многу позелен од Наксос, но и таму се чувствуваат последиците од сушата. Грчкиот производител на уреди за десалинизација објави дека не може да одговори на огромната побарувачка од островите. Слична е состојбата низ целиот регион, особено во Шпанија и во Италија.

– Не можеме да ја задоволиме побарувачката, бидејќи немаме доволно компоненти и производството е бавно. Ситуацијата е општа, а привремената опрема веќе е изнајмена. Нови уреди ќе бидат на располагање дури од септември – изјави Александрос Ифантис, директор на компанијата „Сихем“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот