Сурово украдена година

Ова беше година во која времето како да беше изедено. Деновите беше тешко да се разликуваат, а неделите се стопуваа една во друга. Животот ќе се врати во нормала, помислувавме, а проаѓаа месеците, конечно и цела година

Нашиот бескрупулозен свет, кој ја уништува природата сметајќи дека е непобедлив, со својата дигитална супериорност и технолошка надменост, наеднаш се затекна во шок, потполно неспремен кога еден страшен збор од книгите на инфектолозите и вирусолозите некането се всели во секојдневниот живот на планетата – пандемија.

Минијатурниот вирус на корона, со потекло од Кина, го покори светот со брзина за која големите војсководци од историјата можеле само да сонуваат. Вирусот го освои светот, драматично го промени и отвори сезона на силни и конфликтни чувства.

Ова беше година во која времето како да беше изедено. Деновите беше тешко да се разликуваат, а неделите се стопуваа една во друга. Животот ќе се врати во нормала, помислувавме, а проаѓаа месеците, конечно и цела година.

Каков страшен Божик, каква мачна Нова година, па повторно каков страшен Божик. Милиони луѓе се заклучени низ Австрија, Британија, Италија, Германија, Холандија, Западен Балкан. Во Русија, Австралија, Уганда.

Повеќе или помалку луѓето ги почитуваат зададените протоколи, навикнати на новата реалност. Дистанцирањето ги укина ракувањето, прегратките и бакнежите во времето во кое се најпотребни. Почнавме од страв да се плашиме едни од други, а и во најдобрите пријатели го гледаме можниот преносител на вирусот.

Заштита помеѓу четири ѕида

Маските на само што станаа амблем на 2020 година, туку и застрашувачки симбол на новото аеросолно време. Сурово е болен фактот дека најголемиот број од нас познава некого што бил заразен, поминал одредено време во болница или, за жал, починал.

Ќе се трудиме се разбира да ја заборавиме годината која ковид-19 така сурово ја украде од сите нас, но тоа нема да биде лесно. Вирусот се заканува со мутации. Фронталното војување не е завршено. Повторно ќе има карантини, сè додека вакцините не го вратат вирусот во неговото природно скривалиште. Уште некое време ќе бидеме принудени заштитата да ја бараме помеѓу четирите ѕида. Никогаш светот нема видено толку затвореници како во 2020 година. Како тоа ќе влијае врз менталното здравје допрва ќе се истражува, но дистанцирањето покажа и некое свое подобро лице, бидејќи е створена нова интимност. „Осудениците“ на „домашен притвор“, наеднаш во овој сè поотуѓен свет, добија повеќе време за оние на кои најчесто забораваат – членовите на своето семејство.

Нема патувања, но интернетот без проблем работи како најефикасниот бранител на глобалната самотија. Вишокот од време овозможи поврзување со некои за кои не сме слушнале со години. Онлајн комуникацијата со пријатели од минатото се претвори во виртуелен бегалски камп.

Пандемијата поттикнува сиромаштија

Не се работи само за вонредни состојби или полициски час, кои поедини властодршци ги искористија за дополнително подјармување на граѓаните. Пандемијата, во комбинација со нерамномерното економско закрепнување и нестабилната геостратешка ситуација, ќе потрае.

За милиони семејства 2020-та беше година во која се бореа за парче леб. Од Њујорк до Мумбај, од Сао Паоло до Хараре. Нови милиони ќе им се приклучат на армиите од невработени и со пропаднати бизниси. Се заканува рецесија каква што не е видена во последните осум децении, уште од времето на Големата криза.

Угледниот лондонски „Економист“ проценува дека во текот на 2021 година, 150 милиони луѓе ќе паднат во состојба на крајна сиромаштија. Пандемијата стана промотор на сиромаштијата.

Не знаеме кога милијарди ученици и студенти ќе се вратат во затворените школи и факултети, принудени наместо со непосреден контакт со учителите и професорите, онлајн да седат пред телевизорите гледајќи прилагодени или стари училишни програми. Добра страна е што светот, особено развиениот, за кратко време отиде години нанапред во усвојувањето на дигиталните обрасци на однесување. Изнудено технолошко забрзување. Одењето на работа почна да се мери во метри. Дневните соби се претворени во канцеларии, а спалните во училници за училишните одделенија. Работиме на далечина, контактираме преку Зум-платформата, се школуваме онлајн, а така и се продава. Во Америка за три месеци е остварен раст на купување преку интернет каков што се очекуваше во текот на цела деценија.

Нема враќање

Што од овие технолошки однесувања ќе се задржи? Нема враќање на претпандемиската состојба, но нема да опстојат ни сите однесувања што се усвоени во текот на 2020 година. Додека сликите од италијанскиот Бергамо или од њујоршките гробишта недвојбено асоцираат на времето на чумата од средниот век, светот апелираше за солидарност и мултилатерализам. Наместо тоа, Доналд Трамп ги извлече САД од Светската здравствена организација. Популистите како шефот на Белата куќа, британскиот и унгарскиот премиер, претседателот на Бразил или лидерот на Србија се обидуваа, водени од авторитарната свест и кампањите на дезинформации, борбата против коронавирусот да ја искористат за подигнување на сопствениот рејтинг. Трамп е првата и засега најпознатата политичка жртва на пандемијата, која ги разоткри нефунционалностите на власта, неспремна државата да ја подреди на знаењето на медицината.

Во меѓувреме е отворена трка околу вакцината, која со херојски напори на научниците е направена за рекордно време. Ривалството помеѓу Вашингтон, Москва и Пекинг потсети на времето од Студената војна и натпреварот во трката за вселената, а концептот „вакцина национализам“ ги наведе владите кратковидо да го бркаат лекот за своите народи, по цена на глобалното здравје.

Кога, како и кому ќе му биде дистрибуирана вакцината е прашање на лавовска борба за плен, што повторно ги разоткрива нееднаквостите на современиот свет. Под таа сенка ќе траат и напорите за економско заздравување, кои исто така ќе бидат неправилни, како за кого, но јазот ќе се зголеми.

Благодарност до лекарите

Битката за здравјето, битката за економијата, битката за демократијата продолжува. Соживотот со овој вирус е коцка, затоа треба да се биде паметен и со цел целата неволја да помине најдобро што може, а тоа значи дека треба да се избегнуваат масовни дружења, на работа да не се оди со симптоми, а на лицето да се носи маска.

За крај, може да звучи клише, но најголемата благодарност им ја должиме на медицинарите, чие мнозинство покажа зошто се определиле за една од најхуманите професии. Ниту на Бог, иако црковните лица нè учеа дека Господ е единствена заштита, а уште помалку на политичарите кои заради сопствениот рејтинг се обидуваа да ја украдат победата над короната, која по масовната вакцинација ќе дојде.

Среќна Нова година, лекари и болничари! Среќна Нова година, научници, кои со титански напори направивте вакцина! Среќна Нова година на сите граѓани, без чие трпение и колосални одрекувања не би имало знаци на оптимизам што ги очекуваме од 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот