Суперлига: Втора победа по ред за Пролет во новата сезона

Т. Пролет го надигра и Скопје за нови бодови во ракометниот шампионат/СРЦ „Борис Трајковски“ - Скопје/16 септември 2021/Фото: rkprolet.mk

Т. Пролет триумфираше со 29:33 на гостувањето против Скопје, за втора победа во вториот суперлигашки натпревар од новата сезона. Новиот суперлигаш беше достоен противник во голем дел на натпреварот, но на крајот пресуди искуството и квалитетот на ракометарите на Т. Пролет, кои остануваат со стопроцентен ефект на стартот од сезоната.

Почетокот донесе големи проблеми, откако ракометарите на Скопје со леснотија го наоѓаа патот до мрежата на Т. Пролет. По израмнетите 4:4 домаќините постигнаа четири погодоци во низа и поведоа со убедливи 8:4, десетина минути одржувајќи ја удобната предност.

Избраниците на Бошковски предводени од искусниот Пецаковски успеаја да се вратат, уште пред крајот на полувремето направија целосен пресврт и на одмор заминаа со минимално водство од 16:17.

Тоа беше најава за уште подобро издание на Т. Пролет во вторите 30 минути, особено во фазата на одбраната. Во нападот блескаше Ѓорѓе Голубовиќ, кој со седум гола во второто полувреме го предводеше тимот кон создавање на недостижна предност и решавање на прашањето на победникот уште на пет минути до крајот на мечот.

Токму Голубовиќ со седум гола беше прв стрелец на Т. Пролет во овој триумф, пред Пецаковски и Пејовиќ со по пет погодоци, а на спротивната страна по девет голови имаа Василевски и Киселовски.

Во другите две денешни средби ГРК Охрид славеше кај РК Струга со 19:21, а Е. Пелистер 2 со 30:27 беше подобар од Бутел Скопје.

Моментно на табелата со по шест бодови на водечката позиција имаат Е. Пелистер, ГРК Охрид и Т. Пролет, со напомена дека рундата треба да биде комплетирана в петок со дуелот Вардар – Радовиш.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот