Суперлига: Вардар убедлив против Тиквеш, Алкалоид победи во Битола

Тимот на Вардар ја заврши својата работа во шестото коло од плеј-офот во македонската ракометна Суперлига совладувајќи го Тиквеш во „Јане Сандански“ со 35:25.
Гостите од Кавадрци се „држеа“ во првото полувреме, но потоа во второто, Вардар „додаде гас“ и брзо го одлучи натпреварот во своја корист. Предноста од десет гола црвено-црните ја создадоа во последните 20-тина минути од натпреварот.
Првиот дел помина во изедначена игра и на пауза се замина со 15:15. Сепак, набрзо во вториот следуваа неколку кратки серии на Вардар со кој ја обезбеди победата.
Георгиевски и Манасков со по шест гола беа најефикасни, а Томовски имаше 14 одбрани. Хамзиќ и Симиќ со по пет гола го предводеа Тиквеш.
Во натпреварот кој се одигра претходно Еурофарм Пелистер 2 на домашен терен во Битола беше поразен од Алкалоид со 30:35. Најефикасни во победничката екипа со по седум погодоци беа Мартин Серафимов и Божидар Илиески. Во поразениот табор се истакна босанскиот интернационалец Павле Петровиќ со осум погодоци.
Во терминот од 18:00 часот се игра денешниот последен натпревар од плеј-офот помеѓу Бутел и Тинекс Пролет.