Суперлига, плеј-оф: Металург беше „тврд орев“ за Вардар 1961!

Фото: Denis Dukovski/РК Вардар1961

Првиот дел од разигрувањето за титулата во првенството на Македонија заврши, а Вардар 1961 има максимални седум победи. Во последниот меч како гостин во Автокоманда, триумфираше со 27:31 (15:15) против Металург.

Дуелите помеѓу овие две екипи секогаш носеле посебен мотив, а овојпат „црвено-црните“ иако беа фаворит дури во второто полувреме успеаја да направат резултатска предност која им донесе триумф. Вардарци играа на средбата без Кантегрел, Валчак и Дисингер.

Најинтересно беше во првиот дел во кој Вардар1961 и Металург се менуваа во водство, но без притоа некој да направи посериозна разлика. Домашните ракометари поведоа и со 14:11 во 27 минута, но во следните три минути Вардар со трите гола на Дибиров и последниот на Чупиќ од пенал израмни на 15:15.

Ниту во вториот дел не изостана неизвесноста, иако гостинот од самиот почеток поведе. Во 42 минута веќе водеше со 23:19 како најава дека би требало да замине како победник од ова гостување.

Во понатамошниот период домашните играчи ги казнуваа грешките на нивните ривали и возвраќаа со голови и неизвесноста се врати откако Серафимов намали на 23:24. Потоа следуваа моменти во кои Дибиров, Чупиќ и Калараш со три гола по ред повторно зголемија на 27:23. На осум минути до крај на средбата изгледаше дека веќе нема време, а ниту Металург има сила да се врати во игра, па четирите гола предност останаа до крај.

Кај стрелците во победничките редови Дибиров запиша седум, а Чупиќ шест голови. На спротивната страна седум голови имаше Хорват, а по пет Калуѓеровиќ и Серафимов.

Се одигра уште еден дуел, Бутел како гостин беше подобар од вториот тим на Еурофарм Пелистер (25:26). Табела: Вардар 1961 21 бод, Еурофарм Пелистер 15, Бутел 10, Пролет 9, Охрид 8, Металург 5, Струга 3, Еурофарм Пелистер 2 2.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот