Супербол 54: Спектакл вреден 700 милиони долари 

Мајами и „Хард Рок“ стадионот ќе бидат домаќини на најважниот спортски настан во САД, 54. издание на Супербол (00.30 ч.) во кое ќе се сретнат Канзас сити чифс и Сан Франциско фортинајнерс, а целиот настан е неверојатен спектакл.

Денеска во САД никого не го инетресира политика, опасниот коронавирус кој и се заканува на целата планета не е вест број еден во најмоќната држава, а причината за тоа е Супербол.

Очите и вниманието на американската јавност се насочени кон Мајами и „Хард Рок“ стадионот, местото каде ќе се одигра најважниот спортски натпревар оваа година во САД. Натпревар кој редовно секоја година ги урива рекордите во гледаност но и рекордите во заработка од рекламите.

Американското здружение на трговци пресмета дека секој Американец денеска ќе потроши просечно по 63.87 долари на храна, пијалоци, технологија и спортска опрема. Дури 48 милиони Американци се очекува да порачаат храна од рестораните за време на натпреварот.

Бидејќи станува збор за најважниот и најгледаниот спортски настан во САД, цените за рекламите кои ќе се емитуваат за време на ТВ преносот се вртоглави и соборуваат рекорди. За реклама од 30 секунди, компаниите плаќаат неверојатни 5.5 милиони долари.

Дека Супербол е спектакл и забава за сите Американци, доказ е и ангажманот на две од најпопуларните пејачки на денешницата, Џенифер Лопез и Шакира кои ќе имаат свои настапи на полувремето, а градот од целиот денешен спектакл се очекува да заработи дури 700 милиони долари.

Во 54. издание на Супербол ќе се сретнат екипите на Канзас сити чифс и на Сан Франциско фортинајнерс кои неколку децении го чекаат трофејот „Винс Ломбарди“ кој го добива шампионот во НФЛ лигата.
Една од најпопуларните спортски франшизи, Сан Франциско, дури 25 години чека на трофејот, последен пат триумфираа 1996 година со Стив Јанг како предводник на тимот.

Нивниот противник Канзас сити, точно половина век сонува да го донесе трофејот во своите витрини.

И двете екипи имаат свои адути, вечерашниот Супербол ќе претставува дуел на најдобриот напад во НФЛ (Канзас сити) и на најдобрата одбрана (Сан Франциско), а обложувалниците повеќе му веруваат на одличниот квотербек Патрик Махомс, отколку на одличната одбрана на Сан Франциско.

twitter/NFL

Уште еден адут на Канзас е искуството на тренерот, 61-годишниот Енди Рид кој 29 години е дел од НФЛ лигата. На спротвната страна ќе биде Кајл Шанахан, синот на легендарниот тренер и Супербол освојувач, Мајк Шанахан.

Бидејќи и двете екипи неколку децении чекаат да му се израдуваат на трофејот, не претставува изненадување што навивачите на двете екипи го преплавија Мајами и ги кренаа цените на влезниците до небо. Билетите на црно се продаваат од 5.000 долари  па нагоре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот