Сугарески: Започнавме со проектирање за изградба на експресен пат Битола – граничен премин Меџитлија

Развојот на Пелагонискиот регион е многу значаен за целата држава и заради тоа во овој момент инвестираме преку 18 милиони евра во рехабилитација на патиштата. Периодов нашиот фокус е ставен на подготовки за изградба на експресен пат од Битола до Меџитлија и изградба на автопат од Прилеп до Битола,  истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешниот увид во рехабилитацијата на регионалниот пат Битола – Демир Хисар.

Како што потенцираше министерот Сугарески, градежните активности низ целата држава се одвиваат со засилен интензитет и се очекува силен скок на реализација на капиталните инвестиции во вториот и третиот квартал.

“Капиталните инвестиции се врвен приоритет. Во ресорот транспорт тие се реализираат со добра динамика. Имаме преку 30% реализација во патиштата, преку 36% во гасоводот, во делот на комуналната сфера исто така има силен интензитет на реализација, така да реално очекувам втор и трет квартал да имаме голем скок на капиталните инвестиции“ – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Во однос на изградбата на експресен пат Битола-Меџитлија, министерот нагласи дека во тек е изработка на проектната документација која се очекува да биде готова наредната година, по што веднаш ќе се започне со изградба. Што се однесува на автопатското решение од Прилеп до Битола, се очекува оваа година ЈП за државни патишта да распише јавен повик за изработка на проектна документација.

Министерот Сугарески истакна и дека изградбата на магистралниот гасовод од Неготино до Битола се одвива со забрзано темпо, со што очекувањата се до крајот на годината овој крак да биде завршен.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека рехабилитацијата на патниот правец Битола – Демир Хисар се одвива со силно темпо и ќе се заврши во месец август, а инвестицијата е во вредност од 1 милион евра.

„Покрај овој пат, оваа есен ќе продолжиме со рехабилитација на останатиот пат од Битола до Кичево. Ќе го реконструираме и постоечкиот пат од Битола до Меџитлија, а отприлика овој период следната година ќе заврши проектирањето за изградба на нов експресен пат. Исто така, ќе се реконструира уште еден многу значаен патен правец за овој регион, регионалниот пат Битола – Тополчани – Прилеп, а во тек е и јавен повик за поставување на заштитна ограда на обиколницата на Битола. Генерално, можам слободно да кажам дека оваа Влада досега најмногу вложува во Пелагонискиот регион“, изјави Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска истакна дека ова е пример како треба да соработуваат локалната и централната власт и потенцираше дека развојот на Пелагонија директно зависи од инвестициите што Владата ги реализира во овој регион.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот