Судовите ќе ѝ „пресудат“ на двојазичноста?

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Ако судовите навреме ги надградуваа своите капацитети за употреба на албанскиот јазик, денес немаше да се зборува за недоволна подготвеност за имплементација на Законот за употреба на јазиците, велат за „Слободен печат“ од Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните.

Оттаму објаснуваат дека процесот на примена на албанскиот јазик е почнат со Законот од 2008 година, со кој граѓаните имаат право да поднесуваат поднесоци, тужби, жалби итн. на албански јазик, а судот е обврзан на странките што поднеле поднесоци на албански јазик, да им одговори на албански јазик.

– Со Законот од 2008 година и де факто почнува спроведувањето на амандманот 5 од Уставот, чија основа е во Охридскиот рамковен договор. Спроведувањето на Законот за употреба на јазиците во судовите подразбира создавање и надградување на кадровски и технички капацитети, односно процес на кој требало да се работи многу порано, а не сега во 2019 или во 2020 година. Ако постоел континуитет при создавањето и надградувањето на капацитетите во судовите при влегувањето во сила на Законот од 2008 и измените од 2011 година, не би се создала сегашната потреба и недоволна подготвеност за употребата на албанскиот јазик во судовите – вели Плеурат Ајази од Агенцијата за примена на албанскиот јазик.

Од друга страна, претседателот на Судскиот совет Киро Здравев вчера за ТВ Сител изјави дека Законот за употреба на јазиците не може да се спроведува во судските постапки, бидејќи на таков начин ќе се одолговлечат процесите. Тој се согласува со забелешките на Венецијанската комисија, кои според него се коректни, бидејќи и постојните закони им овозможуваат на граѓаните кои не го разбираат македонскиот јазик да добијат превод.

Од Агенцијата објаснуваат дека примената на Законот во судството не е некоја новина, затоа што и претходно во стариот закон од 2008 и 2011 година во членовите од 5 до 19 било предвидено правото на користење на албанскиот јазик. На прашањето дали ако судијата е Албанец, а тужителот и тужените се Македонци, судијата ќе го води процесот и ќе суди на албански јазик упатуваат на член 9 од новиот закон според кој „сите постапки се одвиваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо, доколку судијата, јавниот обвинител, странките или друг учесник во постапката е личност којашто зборува јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните. Ако, пак, сите во постапката се Македонци, а еден од адвокатите е Албанец, објаснуваат дека правото за употреба на јазикот на адвокатот во постапка пред судовите е уредено со член 8 став 2.

– Иако таксативно не е посочен адвокатот, тој спаѓа во категоријата на другите учесници во постапката, како ополномоштено лице на една од странките – вели Ајази.

Тој обвинува дека некои судови воопшто не го спроведувале законот од 2008 досега.

– Постои дисбаланс во однос на тоа дека многу мал број на органи на судскиот систем доследно и целосно го спроведуваат Законот. Исто така има судови кои воопшто не го применувале законот од 2008 година, па се до донесувањето на новиот закон, прашање за кое што нема законска одговорност, но има морална одговорност пред граѓаните. Кој ги попречувал постапката да се одвива во согласност со законот, кога судијата бил Албанец, странките биле Албанци, обвинителот бил Албанец и останатите учесници во постапката биле Албанци – прашува Ајази.

Во врска со создавањето на потребните капацитети во судството тој вели дека се мисли на кадровска и техничка инфраструктура, а за бројот на нововработени вели дека не е повеќе од тоа што требало да се направи и досега со стариот закон.

Заев: Законот за јазиците нема да се менува

Законот за употреба на јазиците нема да се менува и покрај препораките на Венецијанската комисија, соопшти премиерот Зоран Заев. Тој објасни дека се повикува на советите што ги добил од правните експерти и дека препораките од Венецијанската комисија може да се имплементираат низ институциите, без да се менува законот.

– Препораките на Венецијанската комисија во однос на судските постапки може да се имплементираат преку измени на Законот за кривична постапка и Законот за судови, кои се носат со двотретинско мнозинство. Какви измени ќе претрпат овие законски решение ќе утврдува посебна комисија до крајот на неделава – рече Заев и додаде дека крајната цел е сите граѓани да имаат можност да го користат својот мајчин јазик.

И вицепремиерот Бујар Османи на својот последен јавен настап рече дека препораките на Венецијанската комисија ќе се применат, без да се менува законот.

Фуере: Треба да се почитуваат препораките на Комисијата

Поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија Ерван Фуере смета дека секоја легислатива што се однесува на правата на етничките заедници е чувствителна и затоа е важно внимателно да се пристапува кон препораките на Венецијанската комисија, со цел тоа прашање да не стане предмет на поделби внатре во земјата, особено кога сите активности се насочени кон подготовки за почеток на претпристапните преговори.

– Уште еднаш би препорачал внимателно да се разгледаат препораките на Венецијанската комисија, тоа е тело што има соодветни познавања и кредибилитет што треба да се почитуваат – рече Фуере, кој учествува на годишната конференција на СЕП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот