Судот „врти“ тарот карти дали да не скара со Белград или со Приштина

Министерството за правда му ја достави на скопскиот Кривичен суд целокупната добиена документација од Србија која бара од „Шутка“ да биде испорачан неодамна уапсениот екс-припадник на ОНА, Томор Морина. Притворениот Морина одлежува втора недела од предвидените 30 дена екстрадициски притвор. Тој е државјанин на Косово и на Велика Британија. Неговиот случај со денови е предмет за политичко-пропагандно одмерување на силите помеѓу Белград, родната Приштина и Скопје.

Морина е уапсен на 24 минатиот месец од МВР на преминот „Блаце“ при влез во Македонија. Апсењето уследи по потерница од Интерпол, односно од Канцеларијата на Интерпол од Белград кој со години го бара Морина за „извршени воени злодела за време на косовската криза“. Косовската страна пак тврди дека Морина има чисто минато.

Одлуката на судот Морина ќе ја дочека во притворското одделение на истражниот затвор „Скопје“. Адвокат му е Насер Рауфи. Тој вели дека очекува позитивна одлука на судот и неговиот клиент да биде ослободен.

Во политичката, а не во правната војна на Белград и Приштина, официјално Скопје се најде во вкрстен оган. Сега сите очи се свртени кон судскиот совет на скопска „единица“ кој во име на Македонија ќе треба да донесе одлука, дали Морина ќе биде ослободен од 30 дневниот екстрадициски притвор и ќе се брани од слобода, целосно ќе биде ослободен од барањето на Србија и ќе биде пуштен слободно да се врати во родното Косово или пак ќе биде екстрадиран во Србија.

Од Министерството за правда за „Слободен печат“ велат дека станувало збор за предмет по кој се постапувало крајно професионално и се запазувале сите прави елементи кои се од суштинска важност за судот да ги има во предвид при одлучувањето.

Аферата „Морина“ пикот го достигна во деновите од викендот што измина кога властите на Косово и на Србија јасно изјавија дека нема да бидат задоволни и дека одлуката ќе има последици за Македонија и во случај да има и да нема екстрадиција за Морина.

Амбасадорот на Косово Ѓерѓ Дедај изјави дека не смее да има екстрадиција, бидејќи може да дојде до нарушување на меѓудржавните односи помеѓу поранешната покраина и Македонија.

– Сепак, потсетувам дека неговата екстрадиција целосно се коси со човековите права и е незаконска и неприфатлива. Не треба да се случи, бидејќи можното екстрадирање веќе нема да биде на лична штета на Томор Морина, туку може да има последици врз меѓудржавните односи меѓу Република Косово и Република Северна Македонија. Не би сакале ваквите случаи да придонесат за можно нарушување, за кое, ние воопшто не сме заинтересирани – изјави амбасадорот Дедај.

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ пак изјави дека не може да верува оти Македонија нема да го екстрадира Тимор Морина, бидејќи тоа би било непочитување на меѓународното право.

– Премиерот на Македонија, Зоран Заев, рече дека тие ќе го почитуваат меѓународното право.

Ако тоа не се случи, ќе видиме што ќе правиме натаму, не сакам да прејудицирам – рече српскиот министер на полицијата.

Пред четири дена министерката за правда Рената Дескоска изјави дека според нашиот Закон, прво барањето за екстрадиција треба да стигне до Министерството за правда, а потоа тоа се препраќа до судовите што одлучуваат.

– Досегашната постапка одеше по потерница на Интерпол, МВР врши запирање на лицето кое сакало да премине граница и потоа се води судската постапката. Ние како Министерство имавме досега единствено надлежност да ги известиме преку МНР амбасадите чијшто државјанин е лицето. Тој е државјанин на две држави, има британско државјанство и косовско државјанство. Ние согласно тие процедури веќе пративме известување до амбасадите коишто се во нашата држава, рече Дескоска.

Пред два дена пак Кривичниот суд во Скопје го одби барањето на вицепремиерот Бујар Османи и на заменик-министерот за внатрешни Агим Нухиу да го посетат во затвор Морина. Повикувајќи се на член 178 од Законот за кривична постапка, судот ги известил Османи и Нухиу, и двајцата функционери на ДУИ дека нема да можат да го посетат притвореник. Во овој член од законот, пишува дека посетите на притвореник ги одобрува судија на претходна постапка и дека притвореникот може да го посетат блиски роднини, амбасадори, народен правобранител, а по барање на притвореникот може да го посети и лекар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот