Судот во Тетово денеска ќе ги изрече пресудите за обвинетите за пожарот во модуларната болница во Тетово

Фото: Слободен печат

Во Основниот суд во Тетово денес во 12 часот треба да биде изречена пресудата за обвинетите во судскиот процес за пожарот во модуларната болница што се случи на 8 септември 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. На 29 мај беа искажани завршните зборови на Обвинителство и адвокатите на обвинетите по што судијата Јордан Велковски истакна дека заврши главната расправа и дека пресудата ќе ја соопшти на 5 јуни понеделник во 12 часот.

Поранешните директори на Клиничка болница Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми се обвинети за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Обвинетите на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но дека не чувствуваат вина. Судењето започна во декември 2022 година.

И за денеска е најавена мирен протест за поддршка и барање за ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски од група граѓани кои се организираат преку социјалните мрежи.

На завршните зборови адвокатите на обвинетите истакнаа дека Обвинителството не ја докажало вината. Претставниците на Обвинителството, пак посочија дека со изведените докази и искажани сведочења обвинетите ги сториле кривичните дела и побара судот да ги огласи за виновни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот