Судирите во Џенин ги турнаа Израел и Палестинците до работ на нова војна

Фото: Твитер

Ова веќе е најкрвавата израелско-палестинска пресметка со децении наназад, но не се исклучува можноста ситуацијата да ескалира во општа војна, особено откако Израел ја доби „најекстремната десничарска влада“ во својата историј

Жестоката пресметка во Џенин ескалираше во престрелка со ракети и проектили во Газа и повторно ги турна Израел и палестинските милитанти на работ на општа војна.

Израелските сили објавија дека успешно ја спровеле операцијата за ликвидирање тројца осомничени терористи во кампот Џенин на Западниот Брег, но вооружени палестински групи жестоко возвратиле и во пресметката биле убиени уште четворица милитанти и двајца цивили. Само неколку часови подоцна, од позиции на групата Хамас беа истрелани две ракети врз Израел, кои биле пресретнати и соборени, на што израелската авијација возврати со воздушни напади врз појасот Газа.

Ова веќе е најкрвавата израелско-палестинска пресметка со децении наназад, но не се исклучува можноста ситуацијата да ескалира во општа војна, особено откако Израел ја доби „најекстремната десничарска влада“ во својата историја.

Министерот за одбрана Јоав Галант објави дека им дал инструкции на израелските воени сили „да бидат спремни за нови удари врз Газа, ако тоа биде неопходно“.

– Зададовме силен удар врз палестинските милитанти во Газа. Армијата е спремна да удри врз „квалитетни“ цели сѐ додека не биде обновен мирот за граѓаните на Израел – изјави министерот Галант.

Насилствата се поклопуваат со најавената посета на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој одамна ја најави својата блискоисточна турнеја. Блинкен утре во Каиро ќе се сретне со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, в понеделник ќе ги посети Ерусалим и Рамалах, а во вторник ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со палестинскиот претседател Махмуд Абас. Државниот секретар, според најавата од Стејт департментот, „ќе ја нагласи потребата од итен прекин на судирите и смирување на тензиите“.

Но, по ненадејната интервенција на израелските сили во Џенин, која ја поттикна новата спирала насилства, палестинските власти објавија дека ја прекинуваат координацијата на безбедносните акции со Израел, што уште повеќе ја оптоварува мисијата на Блинкен за смирување на страстите.

Стравувајќи од нови напади, израелските сили вчера го засилија обезбедувањето на приодите кон Храмот на ридот, претресувајќи ги Палестинците што доаѓаат на петочна молитва пред џамијата Ал Акса, третиот најсвет храм во исламскиот свет.

– Немирите го испразнија Стариот град. Жителите се исплашени. Синоќа имаше провокации меѓу млади еврејски верници и Палестинци по рестораните и продавниците – изјави за Асошиетед прес Палестинец од дуќан во центарот на Ерусалим.

Само во текот на оваа година израелски војници убиле 30 Палестинци. Во текот на целата 2022 година, која беше најкрвава на овие територии по 2004 година, беа убиени 150 Палестинци и 30 Израелци.

Рацијата врз Џенин била спроведена заради приведување или ликвидирање на тројца осомничени терористи од групата Исламски џихад. Израелските сили објавија дека целта е спроведена, но дека војниците возвраќајќи на оган убиле уште четири вооружени лица. Убиството на жена беше претставено како „многу ограничени загуби на цивили, ако се има предвид обемот на престрелката“. Ниту еден израелски војник не бил ни убиен ни ранет.

Израелските офицери истакнале дека целта на ликвидирањето на тројцата членови на Исламски џихад била да се демонстрира решеноста на новите власти дека нема да толерира терористи и да им се покаже на Палестинците дека е попусто да им се спротивставуваат на израелските сили. Но, убиството на деветтемина Палестинци може да ја засили и решеноста на милитантите да возвратат, за што доказот стигна неколку часови подоцна, со лансирање две ракети кон Израел. Хамас од Газа и Исламски џихад од Западниот Брег се заканија дека ќе се одмаздат, а палестинските власти не даваат сигнали дека би можеле да ги спречат, особено откако ја прекинаа безбедносната координација со Израел. Палестинските власти и порано ја прекинувале координацијата, но брзо ја обновувале, не само поради притисокот од САД и од Израел, туку и зашто имаат и политичка полза од неа. Проблемот што палестинските власти не можат да го решат е да ги изолираат терористите од кампот во Џенин, кој беше јадро на интифадите, како и милитантите од Хамас во Газа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот