Судир меѓу полицијата и „Жолтите елеци“: Повредени 7 лица, 35 приведени

EPA-EFE/ OLIVIER HOSLET

Во судирите меѓу полицијата и лицата на протестот на француското граѓанско движење „Жолти елеци“ во Нант повредени се седум лица, а 35 се приведени.

Неколку илјадници луѓе се собраа вчера ширум Франција на протестот на „Жолтите елеци“ што е значително помал број на луѓе од почетокот на собирите на половината на ноември.

Инциденти се случија во Нант, каде според наводите на медиумите се собрале најмногу луѓе, околу 1.800. Демонстрантите се судриле со полицијата, палеле канти за ѓубре, и искршиле неколку излози.

Францускиот портал Фигаро пренесе дека полесно се повредени пет полицајци и два демонстранти.
Според наводите на полицијата, во Париз се собрале околу 500 луѓе, во Нанси околу 700, околу 400 во Лион и Тулуз. Протестите биле одржани и во Марсеј, Бордо и Монпеље.

Аполитичкото движење „Жолти елеци“, кое спонтано настана на социјалните мрежи, започна на половината на ноември 2018 година да организира демонстрации ширум Франција поради најавеното зголемување на данокот на гориво.

Протестот подоцна се претвори во општ израз на незадоволство на граѓаните кон политиката на претседателот Емануел Макрон, за кој тврдат дека ги фаворизира богатите и големи компании.

Макрон од своја страна организираше голема дебата со локалните официјални лица и граѓаните ширум земјата, а на крајот на април предложи и неколку мерки, меѓу кои и намалување на данокот.

„Жолтите елеци“ не беа задоволни со тие мерки и подоцна продолжија со протестите, на кои денеска се собираат во се помал број од претходно. Многу протести, кои обично се одржуваат во сабота, завршуваат со насилство и судир со полицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот