Судијката од Апелација Елизабета Дуковска е предлог на Судскиот совет за член на Уставниот суд

Уставен суд / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Со 11 гласа „за“ и два „против“ Судскиот совет на денешната 431 седница го усвои предлогот на Собранието за судија на Уставниот суд од редот на судиите да му биде предложена Елизабета Дуковска, судијка од Апелацискиот суд Скопје.

Дуковска беше предложена од членот на Судскиот совет Зоран Герасимоски, а доколку Собранието го прифати предлогот, таа треба да дојде на местото на судијката Вангелина Маркудова, чиј мандат истече.
Дуковска дипломирала на Правниот факултет во Скопје на 19 октомври 1987 година, правосуден испит положила во Скопје на 15 февруари 1990 година, а првпат била избрана за судија во Основен суд Скопје I – Скопје на 19 март 2004 година, каде постапувала по предмети во стечајното одделение.

Од јули 2007 година работела како стечаен судија во Основен суд Скопје II – Скопје, а на 19 ноември 2009 година е избрана за судија во Апелацискиот суд Скопје, каде постапува по предмети во трговскиот оддел и е претседател на совет.

Освен Дуковска, за членови на Уставниот суд беа предложени и судијката Татјана Сусулеска од Апелацискиот суд Битола и судијката Антоанета Димовска.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, пред гласањето рече дека неспорно сите три предлози се со долгогодишно искуство, но за неа лично поприфатлив е предлогот на Герасимоски бидејќи Дуковска била најсоодветниот кандидат.

Изборот на функцијата судија на Уставен суд е со мандат од девет години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот