Судењето за „Монструм“ станува тензично

Во напната и тензична атмосфера, со чести прекинувања и паузи, денеска во Кривичниот суд продолжи распитот на сведокот Гордана Јанкулоска, екс министерка за внатрешни работи која сведочи во случајот „Монструм“.

Додека дел од обвинетите ја испрашуваат Јанкулоска за постапката како тоа МВР своевремено ги потврдило доказите, имаше серија кавги помеѓу обвинителката Фатиме Фетаи и адвокатот Насер Рауфи, кој брани неколкумина обвинети во овој случај.

Не изостанаа дофрлувањата на дел од членовите на семејствата на загинатите момчиња, па судечките судии Огнен Ставрев и Осман Шабани, беа принудени да „поделат“ опомени пред казнување за дел од учесниците во кавгите, а по третпат денес, поради тензична атмосфера мораа да дадат пауза.

Инаку во тек е сведочењето на екс министерката за внатрешни работи која потенцираше дека првично кога се случил настанот, односно убиството на момчињата кај Смилковско Езеро, се ширеле гласини дека убиството се сличило поради крвна одмазда, имотен спор или криминални структури.

– Имаше толку многу информации од кои не можевме да ја најдеме почетната точка. Секоја информација се проверуваше и за на крај да се следи една теорија на случај – сведочеше Јанкуловска.

Обвинителката Фетаи ја праша дали се сеќава дека разговарала за политички консултации околу екстрадиција на осомничените со екс министерот за правда Блерим Беџети, каде се „пазарат“ дали да се донесат осомничените пред или после изборите, Јанкуловска рече дека таа имала повеќе разговори и дека се консултирала за активностите околу случајот, а не политички. На прашање дали имало инфо пред настанот дека нешто ќе се случи, таа рече дека немала никаква информација.

Според неа, каков и впечаток да се добие од разговорите, фактите за сработеното за „Монструм“ се поинакви.

Рече, не се согласува дека политички калкулирала со овој трагичен случај.

Судењето продолжува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот