Студот, дождот и стресот не ја запираат битката за секој човечки живот

Земјотрес Турција/ Фото Sertac Kayar / Sputnik / Profimedia

Надежта секогаш постои. По дваесет и повеќе часови од катастрофалниот земјотрес што ја погоди Југоисточна Турција, од урнатините на зградите срамнети со земја од час во час се извлекуваат преживеани луѓе, деца, па и бебиња.

Спасувачите не запираат. Наспроти огромниот стрес, но и студот и дождот, со часови упорно работат, со помош од термални камери, со чувствителни акустични направи за да слушнат и најтивок глас, и со незаменлива помош од кучиња тренирани да надушкаат луѓе при катастрофи.

Турските медиуми во живо ги пренесуваат овие, како што ги нарекуваат, „чуда од спасувања“. Цела Турција е сосредоточена на последиците од оваа трагедија и е сплотена во солидарноста и праќањето секаква помош на своите настрадани сограѓани. Помош и пораки на сочувство пристигнуваат од целиот свет, меѓу кои и од соседна Грција и од САД. Претседателот Реџеп Таип Ердоган прогласи седумдневна национална жалост.

Земјотресот во Турција/ Фото EPA-EFE/ERDEM SAHIN

Фуат Октај, помошник на претседателот Ердоган, изјави дека до вчера напладне биле спасени повеќе од 8.000 луѓе што биле затрупани. Билансот на загинати луѓе, за жал, не е ни конечен, и се зголемува од час на час. Октај вчера објави дека се регистрирани 3.149 загинати луѓе, но предупреди дека реално има многу повеќе жртви. Повредени се 20.434 луѓе, но и овој биланс не е конечен, зашто сѐ уште не се знае каква е ситуацијата во многу изолирани села.

По првите два силни земјотреса во интервал од 9 часа – првиот со магнитуда од 7,7 Рихтерови степени и вториот со 7,6 степени – уште 312 потреси биле регистрирани во поширокиот регион што опфаќа десет поголеми турски провинции. По најсилниот земјотрес, имало уште 3 со магнитуда над 6 Рихтери, кои се катастрофални сами по себе, како и уште 24 со интензитет помеѓу 5 и 6 степени, доволно силни за да оштетат објекти и да загрозат животи.

Илјадници луѓе останаа без домови, а и оние чии домови останале здрави се плашат да се вратат во нив. Властите ги предупредуваат граѓаните да не влегуваат во зградите сѐ додека специјални служби не утврдат дали објектите се сосема здрави или се оштетени и може да се урнат при некој појак потрес.

По врнежливата вечер, вчера временската состојба се подобри и овозможи слетувања на авиони, кои пристигнуваат од сите страни, полни со спасувачки екипи, механизација и основни производи за да им се помогне на настраданите. Во спасувачките активности се вклучија и хеликоптери и состојбата се надгледува од воздух. Властите апелираат до граѓаните да не патуваат без голема потреба, откако во понеделникот долга колона возила со луѓе што заминуваат од погодениот регион го парализираше сообраќајот и ја блокираше работата на спасувачките екипи и доставувањето помош.

EPA-EFE/ERDEM SAHIN

Во спасувачките активности официјално се вклучени 12.181 спасувач и 4.191 булдожер и друга крупна механизација. Срамнети со земја се околу 5.000 згради. Некои се урнале во првиот и најсилен потрес, а други, кои биле разнишани, попуштиле при некој од подоцнежните потреси, особено по оној со интензитет од 7,6 степени што удри попладнето.

Дури и искусните спасувачи биле вџасени од уништувачката моќ на земјотресот. Наспроти студот и дождот, помагал секој што можел, расчистувајќи урнатини со голи раце за да се пристапи подлабоко и да се наслушнат гласови. Во многу случаи тешко може да се пробие пат до гласовите што бараат помош, но секој спасен живот одново ги полни со енергија спасувачите, а со надеж оние што останале без најблиските. Се води битка со времето. Секој час е многу важен, особено бидејќи се очекува да застуди до крајот на неделата.

Земјотресите беа почувствувани во радиус од 1.000 километри – до Истанбул на северозапад, до Каиро на југозапад и до Багдад на југоисток. Стотици луѓе загинаа и во Сирија, особено во регионите близу до границата со Турција. Земјотресот директно влијаеше врз животите на 13,5 милиони луѓе. Државата со помош на народот, под координација од Државната институција за справување со непогоди и итни состојби (АФАД), се обидува да им помогне на погодените во регионот. Досега се поделени 4.000 шатори, а планирано е да се достават уште 10.000, како и стотина контејнери за згрижување луѓе.

Министерот за екологија, урбанизам и климатски промени Мурат Курум изјави дека ќе бидат обезбедени привремени и трајни живеалишта за настраданите од земјотресот. Од друга страна, пристигнуваат вести за отсечени места во погодениот регион кои чекаат помош.

Фото: Adem ALTAN / AFP / Profimedia

Откако во провинцијата Хатај целосно се урна зграда, а другите во големиот станбен блок околу не беа многу оштетени, стручњаците повторно предупредија дека „не убива земјотресот, туку зградите“. Такви примери имало во многу места. Експерти предупредуваат дека е битно да се градат сеизмички издржливи објекти, но уште поважно е да се забрани изградба на станбени објекти на површини што се сметаат за критични. Министерот Курум додава дека 70 отсто од населението на Турција живее во сеизмички активни региони. Провинциите што беа директно погодени од оаа низа катастрофални земјотреси се Караманмараш, Килис, Дијарбакир, Адана, Османие, Газиантеп, Шанлиурфа, Адијаман, Малатја и Хатај.

Катастрофалниот земјотрес што го погоди регионот изутрината на 6 февруари со епицентар во провинцијата Караманмараш, стручњаците го оценија како „катастрофа на столетието“ и укажуваат дека тоа бил најсилен потрес по оној во Ерзинџан од 1939 година. Корај Оналан, претседател на измирскиот огранок на Комората на геолозите на Турција, истакнува дека ова е најголемата земјотресна катастрофа во историјата на Републиката. Земјотресот во Ерзинџан беше помоќен (7,9 Рихтерови степени), но овој пат удрија низа земјотреси, а не само еден. Земјотресот во овој сеизмички активен регион не е големо изненадување, бидејќи на тој простор минува една од двете големи раседни линии во Турција – Источноанадолската раседна линија, во која се судираат две тектонски плочи. Раседот во должина од 550 километри почнува од Мртво Море и се протега сѐ до провинцијата Бинѓол во Турција, каде што се поврзува со Северноанадолската раседна линија. Таа не претставува целина туку се состои од сегменти, истакна Оналан.

ГАЛЕРИЈА | Трагедијата во Турција и Сирија во дваесет фотографии

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот