Студија на ЕП: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски вмешани со сите лиферувања на дезинформации

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во обемната студија на Европскиот Парламент насловена „Мапирање на лажните вести и дезинформации на Западниот Балкан и идентификување начини за борба со нив“ објавена деновиве, во фокусот е и Македонија и состојбата со дезинформации и лажни вести објавувани преку медиумите и на социјалните мрежи во изминатиот период.

Во неа поименично се наведуваат медиумите финансирани од унгарски бизнисмени во Северна Македонија како главни извори на дезинформации, но исто така се посочува и на профилите на социјалните медиуми на повеќе личности, меѓу нив, и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Ви пренесуваме делови од оваа студија:

 

 

„За разлика од повеќето земји во регионот, каде медиумскиот пејзаж е релативно стабилен веќе една деценија и повеќе, во Северна Македонија имаше две значајни промени во структурата на нејзиниот медиумски систем, и обете имаа последици за продукцијата и ширењето на дезинформации“, се наведува во анализата.

Според студијата, првата значајна промена се случила за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, и особено во последните години од тоа владеење, кога водечките медиуми биле под строга контрола на партијата и биле вмешани во „речиси сите дезинформациски активности на партијата“.

Прочитајте ја целата студија:

Студија: Мапирање на лажните вести и дезинформации на Западен Балкан и идентификување начини за борба со нив“

Нивната цел, се наведува во студијата, била да се дискредитираат политичките противници и да се промовираат националистички, и честопати антизападни, ставови. По промената на владата, клучните телевизии ја промениле уредувачката политика, и известувањето станало побалансирано и професионално.

„Дел од некогаш проминентните извори на дезинформации и кампањи за дискредитација и понатаму се активни, но немаат пристап до мејнстрим медиумите. Тие се сега маргинализирани и можат да се најдат само на одредени ТВ канали или на сопствени ЈуТуб канали, со намален опсег“, се наведува во студијата.

Вториот фактор кој има улога во ширењето дезинформации, според студијата, е засилената инвестициска активност од Унгарија на македонскиот медиумски пазар.

Во тој дел, студијата го наведува купувањето на неколку македонски медиуми чии сопственици биле блиски до ВМРО-ДПМНЕ и кои претходно биле примарни извори на провладина пропаганда: ТВ Алфа, и порталите Курир и Република; од страна на унгарски државјани поврзани со тамошниот провладин медиумски пазар.

„Откако ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, овие медиуми се вмешани во бројни дезинформациски кампањи, не само за дискредитација на Владата на СДСМ, туку и за поткопување на Преспанскиот договор со Грција и другите евро-атлантски напори на земјата“, се наведува во студијата.

Во студијата се наведуваат една телевизија и повеќе портали како носители на дезинформациски кампањи во Северна Македонија.

Анализата идентификува неколку клучни дезинформациски кампањи, како во медиумите на македонски, така и во медиумите на албански јазик. За првата, „испреплетена кампања“ за поткопување на поддршката за референдумот за промена на името, студијата како главен извор го идентификува порталот Република и, во помала мерка, рускиот портал Спутник. Понатаму се споменуваат и постојаните кампањи за наводни закани кон македонскиот идентитет, дезинформации во кои се мешаат анти-бугарски, анти-грчки, анти-албански чувства;  наводи дека НАТО ќе наметне употреба на 5Г технологија со штетни последици за здравјето и јавната безбедност. Понатаму, се наведува дека „медиумите поврзани со Русија и Унгарија“ ширеле стравови од Голема Албанија уште од 2017 година по изборот на Талат Џафери за собраниски спикер, како и по донесувањето на законот за употреба на јазиците.

Студијата заклучува дека дезинформациските кампањи во Северна Македонија имаат важна компонента поврзана со социјалните медиуми, но воглавно се потпираат врз традиционалните медиуми, особено врз локалните и општинските медиуми, весниците и магазините, како и на телевизијата, за нивно ширење.

Мејнстрим медиумите повеќе не се сметаат за главен извор на дезинформации, но студијата ја наведува Телевизијата ТВ21 која, „иако се смета за квалитетна телевизија, била вмешана во ширење дезинформации за Ковид-19″.

„Другите големи дезинформациски канали, откриени во нашата анализа на социјалните мрежи, го вклучуваат интернет-порталот Инфомакс.мк, и профилите на социјалните мрежи поврзани со кампањата за бојкот на референдумот, како и на познати личности, меѓу кои и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, анти-западниот коментатор Миленко Неделковски и поранешниот премиер Никола Груевски“, се наведува во студијата на Европскиот парламент.

Извор: Дојче Веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот