Студија: Мерките за ограничување спасиле над 60.000 животи во Франција

Според студијата на епидемиолозите од Школата за високи студии за јавно здравје, мерките за ограничување спасиле 61.700 животи во Франција, од нив 15.000 во парискиот регион и 7.700 во Источна Франција, кои беа најпогодени од епидемијата, јави дописникот на МИА.

Без ограничувачките мерки, епидемијата ќе продолжеше да се шири и од вирусот ќе беше заразено 23 отсто од населението во тој период, повлекувајќи појава на тешки случаи кои не ќе можеа да бидат примени во болниците. Според студијата, ако немаше ограничувачки мерки, на околу 670.000  лица ќе им беше потребно болничко лекување, односно можни беа 140.000 сериозни случаи на кои ќе им беше потребна интензивна нега. Само за парискиот регион ќе беа потребни 30.000 кревети на интензивна нега, а во цела Франција пред епидемијата имаше само околу 5.000. За споредба, кога беше достигнато платото од епидемијата на 8 април на интензивна нега имаше 7.148 пациенти.

Студијата исто така проценува дека меѓу 19 март и 19 април можеа да починат 73.900 лица, наместо 12.200, односно биле спасени од ограничувачките мерки околу 61.700 животи.

Според професорот за епидемиологија Паскал Крепекој работеше на студијата, овие бројки се минимални.

-Тие не ги земаат во предвид сите пациенти кои ќе беа мртви поради невозможност да бидат лекувани во болниците поради нивната пренатрупаност, вели тој.

Исто така во студијата се појаснува дека за смртноста на вирусот не се земени во предвид смртните случаи во болницата, но не и дома, односно бројките за смртните случаи се уште не се точни. Имено вирусот Ковид-19, исто како и грипот имаат влијание врз општата смртнoст.

Видео на денот