33.8 C
Скопје

Студентска музичка пролет: Ангажирана програма со врвни предавачи

Четвртото издание на „Студентска музичка пролет“ се одржува онлајн од 12 до 23 април, а главни цели на манифестацијата се потенцирање на важноста на културниот живот на универзитетите, како и важноста на интердисциплинарните истражувања во кои музиката зазема централно место.

Манифестацијата „Студентска музичка пролет“ беше отворена со предавање на проф. Пјетро Деандреа (Универзитет во Торино, Италија), кој ја анализираше врската помеѓу социо-историските случувања и музиката на Дејвид Боуви. Продолжи со настапите на Тамара Јолевска-Попов, која ја претстави својата збирка раскази „Г-дур“, и Ивана Балабанова, која објасни како танцот може да се употреби како ангажирана уметност и преку него да се говори за важни општествени теми, како што е насилството врз жените. Секоја година во програмата има и Студентска трибина на која студентите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Универзитетот „Американ колеџ“ ги претставуваат своите оригинални прозни, поетски, уметнички дела, преводи на книжевни дела од странски јазици на македонски јазик, како и своите вокални способности.

Програмата на манифестацијата е скратена поради фактот што годинава не е поддржана од Министерството за култура, но за организаторките д-р Ивана Трајаноска (Универзитет „Американ колеџ“) и проф. Мира Беќар (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“) поважно е воспоставувањето и одржувањето на традицијата на единствен ваков настан, за кој веќе три години по ред има голем број заинтересирани.

На 22 и 23 април со предавања, дискусии и музички настапи ќе се претстават Мирко Попов, проф. Ричард Феј (Универзитет во Манчестер, Велика Британија) и д-р Александра Резник (Универзитет Катам, САД). Мирко Попов ќе говори за развојот на домашната независна музичка сцена и со примерот на неговиот лејбл „ПМГ Рекордингс“ ќе ги поттикне студентите да делуваат во својата средина и да предизвикаат културен прогрес во своите помали заедници. Проф. Ричард Феј, кој предава интеркултурна комуникација и изучување на англискиот како странски јазик на Универзитетот во Манчестер, ќе зборува за спојот на клезмер-музиката и интеркултурното музицирање. Д-р Александра Резник ќе се осврне на актуелната тема за родовите перспективи и квир-теориите во интердисциплинарните истражувања. Настаните се одвиваат онлајн и се отворени за сите студенти и други заинтересирани на Фејсбук-страницата на Студентска музичка пролет.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 77, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 април 2021)

Поврзани вести

Изложба со фокус кон монодрамите и дуо драмите на МНТ

Тони Димков

Уметничкиот центар „Полифонија“ ќе одржи два концерта на „Скопско лето“

Тони Димков

Интервју со Никола Глигоров: Работата на „Скопско лето“, пред сѐ, претставува задоволство

Тони Димков

Разговор со Драган Довлев: Подрумот со кукли како сцена за драмско дејство

Тони Димков

Младата пијанистка Инес Неделковска беше прогласена за музичар на неделата

Тони Димков

Пијанистката Ана Велиновска ќе настапи на два фестивали во Швајцарија

Тони Димков

Остави Коментар