Студентска музичка пролет 2020: Културни настани поблиску до студентите

Третото издание на интердисциплинарната манифестација „Студентска музичка пролет“ е сосема логично продолжување на двете успешни изданија во 2018 и во 2019 година. Годинава манифестацијата се одржува од 15 до 30 јуни со серија настани претставени онлајн на фејсбук-страницата „Студентска музичка пролет“. Програмата опфаќа предавања, концерт, рецитал, научна средба и работилница за интердисциплинарни истражувања со фокус на анализи во книжевноста.

На 15 јуни се одржа предавањето на проф. д-р Владимир Мартиновски на тема „Музичките инструменти во поезијата“ проследено со хаику концерт на „Вла Дуо Мир“ (со Владимир Лукаш и Владимир Мартиновски). Предавањето „Ритамот – движењето, музиката – дишењето“ на Оливер Јосифовски (член на бендот „Љубојна“) се одржа на 17 јуни, а донесе инспиративни и лични искажувања на Јосифовски за неговиот начин на чувствување на ритамот на музиката и претворањето на тоа чувство во авторско музичко дело. На 19 јуни се одржа концерт на Андреа Коева и Кристијан Шевченко, студенти на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје.

Научната средба во рамките на Интердисциплинарните истражувања во книжевноста „Зборовите и музиката“ со Рут Џејкобс (САД) и Лаура Ватано (Италија), двете се докторанди на Универзитетот во Единбург, ќе се одржи на 27 јуни, додека на 29-30 јуни ќе се одржи Интердисциплинарната работилница „Проза и музика“.

„Студентска музичка пролет“ е интердисциплинарен проект што има за цел да го подобри квалитетот на културниот живот на студентите преку организирање културни настани на самите универзитети. Исто така, СМП го промовира интердисциплинарниот пристап во уметноста и академските истражувања и се стреми да го доближи до студентите.

Во фокусот на проектот е музичката уметност и нејзините врски со другите уметности, научни дисциплини и општеството. СМП 2020 е поддржан од Министерството за култура на РСМ, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Универзитетот Американ колеџ Скопје. Организатори на настаните и координатори на проектот се д-р Ивана Трајаноска и д-р Мира Беќар.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 36, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот