Студентка од Струмица која се вратила од Германија станала мета на невкусни коментари иако била во самоизолација

Иако девојката доброволно и самоиницијативно се ставила во самоизолација со мајка ѝ и сестра и, вели дека преживеала неверојатен стрес поради невкусните коментари и лаги што се ширеле по социјалните мрежи.

Денеска, на редовната прес конференција, Министерот за здравство, Доц. Д-р. Венко Филипче упати порака до сите граѓани дека ова се времиња и ситуации во коишто не треба никој да биде стигматизиран, ниту заболените, ниту луѓето коишто се во карантин. Луѓето во карантин се здрави луѓе, наши роднини и пријатели, а ова е модел којшто го штити колективното здравје и здравјето на секој граѓанин.

Жртва на невкусни коментари и недозволени снимање деновиве станала младата студенка од Струмица Елена Иванова, која се вратила пред десетина дена од студиите во Германија бидејќи факултетот каде што студирала бил затворен. Иако девојката доброволно и самоиницијативно се ставила во самоизолација со мајка ѝ и сестра и, вели дека преживеала неверојатен стрес поради невкусните коментари и лаги што се ширеле по социјалните мрежи, а за време на тестирањето во струмичкото инфективно одделение биле и жртви на недзволено снимање. Еве го нејзининото обраќање во целост, објавено на порталот на стумичката ТВ Вис:

Драги Пријатели,
Во изминатите неколку денови на социјалните мрежи се појви видео пропратено со лажни информации и невкусни коментари дека јас и моето пошироко семејство сме позитивни на КОВИД-19 и дека во меѓувреме сме шетале низ градот и сме контактирале со други особи.
Сакам да кажам дека јас и сестра ми сме студенти во Германија и по појавувањето на КОВИД-19 во Германија, Факултетите се затворија, часовите ни се држат преку интернет и ние како граѓани со постојано место на живеење во Струмица се вративме во нашиот дом. Иако кога пристигнавме во Македонија сеуште не се потпишуваше изјава за самоизолација, ние самите се пријавивме во центарот за јавно здравје и рековме дека ќе бидеме во самоизолација и се информиравме за следните чекори.
Со цел да не го загрозиме здравјето ниту на нашите најблиски ниту на пошироката јавност, од аеродромот не пречека нашата мајка, која што за целиот овој период беше со нас во самоизолација. Додека ние трите бевме во самоизолација нашиот татко воопшто физички не контактираше со нас и престојуваше на друго место.
Бидејќи ни завршуваше периодот на самоизолација согласно препораките, телефонски се јавивме и закажавме термин за тестирање. По препораки на епидемиолог ни беше кажано дека сите три треба да бидатеме тестирани, бидејќи престојуваме заедно.
Сакам да истакнам дека во ниту еден момент не сме криеле дека сме во самоизолација, напротив сите наши блиски, роднини и пријатели беа информирани за ситуацијата, за случајно некој да не дојде.
Во петокот кога отидовме на тестирање, некој несовесен граѓанин не снимал со цел да го рашири видеото по социјалните мрежи. Со видеото се ширеа и невкусни и невиститнити коментари за нас и нашата поширока фамилија, кое ни нанесе емоционален стрес и нарушување на угледот.
Иако ни беше тешко што неможеме да го видиме нашиот татко и нашите блиски роднини, ние сепак се воздржавме и ги испочитувавме сите прописи.
Наместо да бидеме пример за тоа, ние бевме нападнати.
За овие три дена, додека ги чекавме резултатите, се изначитавме разни коментари дека сме позитивни и дека намерно не се објавуват резултатите и разни други глупости.
Сега можам да ви кажам дека резултатите ги добивме и СИТЕ ТРИ СЕ НЕГАТИВНИ на КОВИД-19. Но дури, и да бев позитивна ќе објавев дека сум позитивна, и со гордост ќе истакнав дека НА НИКОЈ ДРУГ НЕ СУМ ГО ПРЕНЕЛА.
Вирусот е опасен, но ќе помине. Но емотивната болка останува.
Затоа на никој не му го посакувам, ниту едното, ниту другото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот