Студентите во Белград: Не ја даваме Ректорката!

Фото: Фејсбук

На белградскиот Универзитет 12 дена се одвиваше вистинска драма, откако студентите од здружението „1 од 5 милиони“ го запоседнаа Ректоратот не дозволувајќи пристап на Ректорката и на управата. Нивното главно барање беше да добијат ветување дека што е можно поскоро ќе биде испитан спорниот докторатот на министерот за финансии, Синиша Мали.

Конечно успеаја во тоа и денеска и го вратија клучот на ректорката Иванка Поповиќ, но откако таа вети дека до 4 ноември Одборот за професионална етика ќе го реши прашањето за легитимноста на докторатот на министерот Мали.

Студентите веднаш изјавија дека се задоволни од постигнатиот успех и дека Универзитетот покажал став и интегритет. Студентката Мила Јовановиќ изјави дека Универзитетот во Белград е единствената слободна институција во државата.

„Сега со гордост можам да кажам, јас сум студент“, изјавила Јовановиќ.

„Ректоркта го положи испитот“, велат студентите и наведуваат дека ќе ја бранат Ректорката која веќе почнала да трпи притисоци.

„Не ја даваме ректорката“, извикувале студентите.

Притисоците стигнаа уште вчера од Њујорк од страна на претседателот Александар Вучиќ со ироничната изјава дека „супер“ е што ректорката Поповиќ 15 дена не влегла во својата канцеларија.

„Некој мене да не ми дозволи да не влезам во својот кабинет не знам што би направил. Не ја давам ректорката за ништо на свет, ако може уште 15 дена да не работи би било супер“, изјавил Вучиќ.

За Вучиќ, Ректоратот, за време на блокадата станал партиска „прќија“ алудирајќи на улогата на опозицијата во целата работа.

Но, ректорката сепак со трпение успеа да го деблокира Ректоратот и што е поважно да му даде легитимитет на независноста на Универзитетот.

„Заедно со студентите сме на иста задача, да го чуваме угледот на Белградскиот Универзитет и да покажеме дека можеме сами да ги решаваме проблемите во рамките на Академската заедница“, изјави Ректорката Поповиќ.

И покрај притисоците, раководството на Универзитетот не повика полиција за да ги растера студентите. Но, ниту Претседателот Вучиќ не го стори тоа, иако сега дава цинични изјави обвинувајќи за политизација на протестите.

Како и да е, ова што се случи со протестот на студентите е без преседан во поновата политичка ситуација во Србија, каде ниту целата опозиција не успева посериозно да го раздрма актуелниот претседател Вучиќ.

Но, и во Србија е почнат еден процес на преговори меѓу власта и опозицијата за надминување на разликите кој се води под покровителство на Соросовата организација. Тое е уште една отстапка што Владата на Вучиќ нерадо ја направи, иако поголеми резултати од разговорите се уште нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот