Студентите разочарани од МОН организираат петиција: Зголемени стипендии само за бруцошите, другите остануваат на иста

Студенти / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Студентите се гневни бидејќи новите апликанти ќе добиваат по 6.050 денари месечно во текот на 9 месеци, а студентите од истата категорија што веќе користат стипендија, ќе добиваат двојно помалку пари, односно 3.300 денари месечно.

„Покачени стипендии за сите студенти. Сите заслужуваме еднаков третман!“ Ова е петицијата за која студентите деновиве собираат потписи, велејќи дека Министерството за образование и наука (МОН) им нанело неправда со покачувањето на износот на стипендиите.

Имено, МОН летово речиси двојно ги зголеми стипендиите, чекор што беше поздравен од студентите. Но, радоста за кратко исчезна. Со објавувањето на конкурсот за стипендии, студентите разбрале дека покачени стипендии ќе добиваат само кандидатите што првпат аплицираат за нив, односно покачувањето не важи за студентите што веќе се корисници на стипендија.

Според новите правила, студентите од социјални категории и оние што постигнале особено висок успех ќе добиваат 6.050 денари месечно, а оние што студираат дефицитарни програми, како хемија, физика и математика, ќе добиваат по 18.000 денари месечно за девет месеци.

– Тоа значи дека оние студенти од повисоките години (трета, четврта) кои веќе користат стипендии и годинава ќе ги продолжуваат, ќе ја добиваат старата сума од 3.330 денари, според потпишаниот договор за таа сума – велат студентите што ја започнаа петицијата.

Оние што сакаат да ја добиваат новата, двојно поголема сума, ќе треба со изјава да се откажат од стипендијата што досега ја добивале за да можат одново да аплицираат за покачените стипендии. Но, со повторно аплицирање, кандидатите ризикуваат да не бидат избрани, бидејќи бројот на стипендиите е ограничен.

– Притоа, треба да имате на ум дека, во согласност со конкурсот, покачени стипендии ќе добиваат само одреден број студенти, што значи дека ако се откажете од старата (пониска) стипендија, може воопшто и да не добиете нова покачена стипендија, гневни се студентите.

Онлајн петицијата до сега брои повеќе од 6.800 потписи.

– Не се согласуваме со ваквиот модел на покачени стипендии. Со овие околности се врши дискриминација и истите прават поделба  меѓу студентите – се жалат од иницијативата.

Студентите бараат од МОН да се изнајде соодветно решение со кое ниту еден студент нема да биде оштетен и дискриминиран.

– Бараме покачените стипендии да важат за сите студенти, а не само за оние што аплицираат за првпат. Очекуваме убави вести. Во спротивно, револтот кај студентите ќе продолжи да расте – се вели во петицијата.

Според конкурсот, предвидени се 1.470 стипендии во прва група, односно за студентите од социјални категории, како и 1.500 стипендии во втора и трета група, односно за студенти со постигнат висок успех.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот