Студентите од Архитектонскиот факултет бараат поддршка за одржување на EASA

Прв пат во 40 години престижниот европски настан за млади архитекти EASA (European Architecture Student Assembly) ќе се одржи во Македонија. Во октомври во село Трпејца, близу Охрид 230 млади архитекти низ светот, ќе ја посетат Македонија. Акцијата за одржување на овој настан ја преземаа млади студенти по архитектура од Архитектонскиот факултет во Скопје кои бараат поддршка за настанот да биде успешно одржан.

„Организаторите – студенти по архитектура на Архитектонски факултет во Скопје – на овогодинешниот настан EASA (European Architecture Student Assembly) INCM 019 веќе година дена наназад, без успех бараат поддршка од институциите и приватниот сектор.

Годинава, селото Трпејца ќе биде домаќин на овој 10-дневен настан, каде што ќе присуствуваат млади студенти по архитектура од 49 земји. Ова е прв пат да РСМ е домаќин на настан од ваков тип. Во рамки на тие 10 дена, ќе се одржат многубројни дискусии и дебати од областа на архитектурата, како и запознавање на гостите со културното и архитектонското наследство на овие простори. Бидејќи самата СТУДЕНТСКА организација нема буџет да ги финансира овие настани на годишно ниво, 30 години наназад истите се финансираат преку владини институции и приватни спонзори низ Европа. На жалост, организаторите во изминатата година наидоа на многу препреки и затворени врати во обидот да го реализираат овој настан.

Влада на Република Северна Македонија одби да придонесе финансиски или на било каков начин кон реализирањето на овој настан. Агенција за млади и спорт исто така, на два пати ги одбива девојкиве и дечките за помош, како и ред други институции кои би можеле да излезат во пресрет. Приватните фирми одбиваат да помогнат макар и со спонзорство од 50 евра, правдајќи се дека немаат пари. Добар дел од архитектонските фирми не се ни трудат да вратат на мејловите и повиците. Разбирливо, зафатени се со проектирање на зградички за 4 евра/м2.

Е сега, поради тоа што настанот започнува за 2 недели, потребно е да се обезбедат следните работи со цел да не дојде до негово откажување:

– доручек за 180 луѓе во времетраење од 10 дена (путер, мармалад, леб, сокови, млеко, кафе, вода, мусли и сл.);
– хартиени чинии и чаши, дрвени вилушки, лажици и ножеви за еднократна употреба со цел полесно рециклирање на истите по завршувањето на настанот;
– средства за хигиена (тоалетна хартија, сапун, хартија за бришење раце, ќеси за отпад и сл.);
– платно за проекции (ќе биде вратено по завршувањето на настанот)
– ОСБ плочи, дрвени палети, елементи за преградување на простор, водоотпорна ткаенина/платно и сл. за оплеменување на заедничкиот простор;
– фрижидери за складирање на пијалоци и храна (ќе бидат вратени по завршувањето на настанот);
– поставување на привремен wi-fi hotspot за студентите во с. Трпејца;
– финансиска помош во покривање на трошоците за сместување и храна за ручек и вечера.

Секој што може и има желба да ги поддржи овие млади и амбициозни луѓе во обидот да ја стават Македонија на мапата помеѓу архитектонската фела, Ве молам да ја контактира Hristina Sekuloska преку Facebook или да се јави на 071 766 903.“, вели преку Фејсбук објава Милка Докузова.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот