Струја за фирмите има, но ќе опстане кој може да ја плати

РЕК Битола / Фото Архива на Слободен печат

Проблем за компаниите не е да набават струја, туку да ја платат, објаснуваат стопанствениците, а потврда стигнува и од Електропстопанство на Македонија. Деновиве на светските берзи електричната енергија е 3 до 4 пати поскапа од она што беше лани. Состојбата е слична насекаде и сите го имаат овој проблем, поради што почнаа реакциите од страна на владите. И од нашата влада стигнуваат сигнали за помош, но сега клучно е прашањето дали таа ќе стигне навреме, затоа што скапата струја може да го загрози работењето на компаниите, но и да ги зголеми цените и да предизвика дополнителна инфлација.

Рудникот за бакар „Бучим“ е еден од првите кој набавува струја на слободниот пазар. Но, сега „неговата несреќа“ е што има договор за дневна набавка.

– „Бучим“ набавува струја од „ЕДС“. Ние немаме долгорочен договор, туку набавките и цените се на дневна основа. Во еден друг период тоа се покажа како добро решение, но сега тоа е многу лошо. Цената на струјата што сега ја набавуваме е 3 до 4 пати поголема во однос на лани. Таа учествува со 20 проценти во крајната цена на чинење – вели Николајчо Николов, доскорашен претседател на Македонската асоцијација за рударство (МАР) и прв човек на рудникот за бакар „Бучим“, кој летово замина во пензија, но будно го следи пазарот на енергетика од почетокот на либерализацијата во 2007 година.

Николов вели дека рудниците засега успеваат некако да произведуваат со оваа цена.

– Состојбата е јасна, кој може да плати, ќе работи. Но нема да биде за изненадување ако некои стопанственици се откажат од договорите за набавка на струја и сопрат со процесот – вели Николов.

Високата цена за компанијата ја потврдува и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски. Тој вели дека очекувањата се пазарот на електрична енергија да се стабилизира, но потенцира дека во меѓувреме Владата мора и ќе интервенира со мерки за санација на состојбата.

Најмалите компании, исто како и домаќинствата се снабдуваат со струја од Универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“, но сите други одат на слободен пазар преку трговци.

– Ако некој трговец со струја се откаже од договорот, тогаш ЕВН како снабдувач во краен случај ќе ја снабди компанијата со струја. Цента по која ЕВН тоа го прави е онаа што е на унгарската берза ХУДЕКС плус 50 проценти – вели Ковачевски.

Што се однесува до домаќинствата и малите компании кои снабдуваат струја од универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“, тој контингент на струја целосно го обезбедува ЕСМ.

– Наша законска обврска е 70 проценти, но нашата струја е драстично поевтина од онаа на слободниот пазар и за да се заштитат домаќинствата, Владата не задолжи да вршиме 100-процентно задоволување на потребите. Правиме сè што е во наша надлежност и понатаму целосно да ги задоволиме потребите на домаќинствата и на малите фирми со домашна струја – изјави Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот