Струен удар го „замрзна“ Торонто

Торонто без струја/ Фото EPA PHOTO/EPA/Warren Toda

Дефект на струјната мрежа завчера го парализираше центарот на Торонто, предизвикувајќи застои и евакуации во финансиското јадро на канадскиот град, но ситуацијата била стабилизирана по неколку часа.

Електродистрибутивната компанија „Хидро 1“, најголема во провинцијата Онтарио, објави дека поради дефект на далноводи без струја останале десетина илјади компании и домови во центарот на најголемиот град во Канада. Мрежата била оштетена откако кран пресекол високонапонски кабел.

Снемало струја во канцелариите и во трговските центри во финансиското срце на градот. Многу луѓе биле евакуирани од заглавени лифтови, а без регулирање на сообраќајот со семафори се создал метеж на улиците. Берзата, банките и осигурителните компании не претрпеле штета врз активностите.

– Бев во град и скокнав во лифт во најнезгодно време, пред да снема струја. Сѐ уште сум тука – напиша на Твитер министерот за имиграција Шон Фрејзер пред да биде евакуиран од лифтот.

Од струјниот удар не била погодена подземната јавна железница, но метрото останало без систем за разладување. Берзата останала без осветлување, но компјутерската мрежа без застои се префрлила на резервно напојување.

Пред еден месец друг голем дефект остави 19 часа без пристап до комуникациски услуги многу жители во неколку региони на Канада. Во 2003 година, пак, Онтарио беше жртва на вториот најголем прекин на електрична енергија во светската историја, кога без струја седум часа останаа 10 милиони луѓе во Канада и 45 милиони во осум американски сојузни држави. Системот беше стабилизиран два дена по ударот.

Во Бразил, пак, во 1999 година, поради удар на гром во далновод од хидроцентралата Итаипу без струја со часови останаа меѓу 75 и 97 милиони луѓе, вклучувајќи жители на Сао Пауло, Рио де Жанеиро и Минас Гераис. Во моментот кога снемало струја, во метрото во Рио де Жанеиро во темница останале 60.000 луѓе. Воената полиција итно распоредила 1.200 вооружени луѓе на улиците за да се обиде да спречи масовни грабежи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот